Македонија
10. February 2021 - 12:53

Вонреден инспекциски надзор во битолската болница

Државниот санитарен и здравствен инспекторат после извршениот вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница Битола, за случајот на одделението за гинекологија и акушерство, кога на 1 јануари годинава, царски рез на родилка извршило лице кое не е вработено во болницата и е странски државјанин,  констатираше дека  директорот на установата во врска со случајот, презел законски предвидени мерки, односно поведени се дисциплински постапки против 9 лица вработени на Одделот за гинекологија и акушерство, а двајца доктори се суспендирани до завршувањето на дисциплинските постапки

По констатираната фактичка состојба врз основа на увидот во евиденциите во областа на здравството, медицинската документација за пациентката, изјави дадени од  директорот на установата, како и изјавите од здравствените работници кои биле инволвирани во случајот, но и превземените активности од раководството на болницата, Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе ги превземе следните мерки:

-До министерот за здравство ќе биде доставена информација за констатираната состојба и превземените мерки од ДСЗИ

-ДСЗИ по Битола ќе издаде решение за забрана за вршење на здравстевена дејност во болницата односно забрана за давање на здравствени услуги на пациенти од страна на странски државјани без лиценца за работа обезбедена согласно Законот за здравствената заштита

-ДСЗИ ќе достави известување до надлежното Основно јавно обвинителство за случајот, со прилог докуметација обезбедена при надзорот за натамошно постапување

 Основното јавно обвинителство Битола пак, оформи предмет по добиена анонимна пријава на 12 јануари 2021 година, како што се наведува во врска со постапување на лекари специјалисти – гинеколози од Клиничка болница Битола и едно лице странски државјанин за кое постојат основи на сомневање дека без лиценца за работа преземало медицинска интервенција.

Кон предметот е припоена и кривична пријава поднесена од СВР Битола на 8.2.2021 против трите лица.

Обвинителството издаде Наредба за собирање потребни известувања до СВР Битола. Испитани  се две лица кои дадоа свои сознанија за настанот и поднесено е барање до Лекарската комора на РСМ. На 3.2.2021 година јавниот обвинител издаде Наредба за вештачење на Оперативни дневници на Одделот за Гинекологија и акушерство при Клиничка болница Битола, за кои постои сомнение дека содржат невистинити податоци, односно се отстранувани страници.