Живот
21. December 2015 - 9:08

Војна на ѕвездите, Сила која не губи сила

Ал Џезира Балкан - Сараево

Во една далечна, далечна галаксија постои филмски серијал толку голем што ги надмина сите рекорди на заработки, ја измени цела американска филмска индустрија, го спаси студиото од работ на пропаст, остави неизбришлива трага на поп културата, чиј главен негативец е најпознатиот злосторник на сите времиња.

Воведната шпица и музиката се икони сами за себе како и светлосните сабји, а илјадници фанови (дури и од регионот) ги натера како своја официјална религија или националност да го наведат редот на мистичните џедај витези од наведената сага.

Со излегувањето на новиот долго очекуван седми дел, серијалот Војна на ѕвездите докажува дека е без конкуренција во индустријата на забави, со оглед дека владее огромен интерес за продолжетокот Силата се буди.

За Имран Капетановиќ, која се вљубила во Star Wars во дамнешната 1983 година, кога мајка и ја однела да го гледа Враќањето на џедај, трет продолжеток на сагата, серијалот нема конкуренција. 
„Star Wars некако го доживувам како институција, сама за себе‟.

Заедничка цел

Тогаш девојчето било фасцинирано од новите ликови, а „целосно и се отворил некој нов свет‟. 
„Во Star Wars филмовите се наметнува идејата дека доброто го победува злото, па мислам дека, како девојче од осум години, тоа навистина ми беше многу важно. Дарт Вејдер на крај мораше да стане добар, бидејќи така учевме преку партизанските филмови, дека на крај секогаш победуваат нашите, па макар победата била и морална. Учени сме да го цениме другарството, а и темата за другарство се провлекува низ целиот серијал и на крај, тука секако се и хероите. Сите теми кои се преплетуваат во филмот можат да се применат во системот на вредностите со кои сме воспитувани‟ - наведе долгогодишната вљубеничка во серијалот.

Ист став има и Срѓан Стојановски од здружението Star Wars Србија, кој смета дека едноставноста на приказната со многу ликови со различни карактери кои се собираат околу заедничка цел (мистична Сила и борба против злобната Империја) довеле до завидна популарност на овој серијал. Стојановски додава дека може да се каже и дека творецот на серијалот Џорџ Лукас направил доста паралели со реалниот свет (демократијата на општеството, борба на Републиките и Империјата, ослободување од тиранинот и гневот на тој тиранин) и довел до тоа фановите многу лесно да ги пронајдат кај себе сличните карактери.

„Мора да признаете дека многу поблиску до реалноста звучи – Имам сила во себе, отколку – Јас сум Супермен‟ - додаде љубителот на Star Wars.

„Но, секако врвот е борбата на доброто против злото, каде во првите три покажани епски филмови доброто победува безусловно‟.

Она што според негово мислење, го одвојува серијалот од другите филмови е една поголема слика, во која целото општество игра улога, т.е. редот на џедај витезите, а не само поединци, како што е тоа случај до Марвеловите херои.

Тој самиот се вљубил во Војна на ѕвездите во 1998 година, кога на зимување со другарите од одделението ги гледал филмовите од изнајмени пиратски видео касети, толку оштетени што имале проблеми јасно да видат некои сцени.

По 10 години од излегувањето на Епизодата 3, овие денови во кино салите во светот пристигна седмото продолжение, за кое се очекува дека ќе ги надмине сите рекорди по бројот на продадени карти, но и бројот на продадените аксесоари како играчки, костими, стрипови, видео игри...

Според проценките на експертите. Силата се буди, само во кино благајните може да заработи до две милијарди долари. А тоа е само дел од колачот.

Новинарката на Холивуд Репортер, Ребека Форд за Ал Џезира вели дека реално може да се очекува заработка од 25 милијарди долари, кои ќе му ги донесе Star Wars на новиот сопственик на серијалот, на компанијата Дизни.

Инвестиција на векот

„Ова е најважна работа на годината. Војна на ѕвездите е тоа што сите го очекуваа цела година, неколку години. Сите го сакаат овој филм‟ - рече Форд.

„Мислам дека 25 милијарди долари е многу сигурна проценка за целиот универзум кој го создаваат. Играчките, игриците и самите филмови. Некако ја надминаа нашата можност да замислиме колку ова може да биде големо‟ - рече новинарката од Холивуд Репортер.

Ако овие предвидувања се остварат, износот од четири милијарди долари за правата на Војна на звездите, колку што пред три години Дизни ги плати на Лукас Филм, ќе делуваат како инвестиција на векот.

Седмото продолжение е обвитакно во тајна, наспроти огромната продукција и големиот број на луѓе кои учествуваа во снимањето на филмот, не се знае речиси ништо за самата тема на филмот сместена 30 години по хронолошки последниот Враќањето на џедај.

Речиси 40 години од премиерата на првиот дел на Војна на ѕвездите, серијалот не губи на својата привлечност и популарност, а со оглед дека се најавени Епизода 8 и 9, како и два посебни филма од универзумот на Војна на ѕвездите, лесно може да се заклучи дека Силата и понатаму е силна со оваа вселенска опера.