Македонија
26. April 2020 - 19:38

Водостојот на Преспанското Езеро се покачи за повеќе од 5 сантиметри

Дождовите и снегот од минатата недела позитивно влијаеа на Преспанското Езеро и го покачија водостојот за неколку сантиметри. На почетокот на годината, Преспа сведочеше на алармантното повлекување на езерото, а експертите предупредија дека намалувањето на водостојот може да има несакани последици за животот во Преспанското Езеро.

„Во овој дел имаме позитивни резултати, Преспанското Езеро е покачено за повеќе од 5 сантиметри, благодарение на доцниот снег кој заврна и дождовите кои ги очекуваме, кои ќе донесат подобрување со состојбата со Преспа“, вели Љубе Пампулевски, жител на Преспа.

Општина Ресен постојано врши контрола како на квалитетот, така и на водостојот на нивото на езерото преку мониторинг станицата кај Стење. Градоначалникот вели дека иако минимално, секое покачување на нивото влева надеж. Но и обврска, решавањето на проблемот со Преспанското Езеро да им биде приоритет како општина, како и анимирањето на надлежните институции од грчка и албанска страна.

„Да се формира меѓународна комисија, но и ние на внатрешен план сите мерки да ги согледаме и да преземеме активности за таа појава. За жал, со цела оваа ситуација околу Ковид-19 многу активности прекинаа, но ние како локална самоуправа се’ уште ќе го држиме како приоритет ова прашање, изјави Живко Гошаревски“, Градоначалник на Ресен.

Поволно врз состојбата на езерото влијаеше и забраната за движење во туристичките и излетничките места во Преспа.

„На самиот почеток беа забележани голем број туристи од соседните градови кои ги посетуваат овие преубави туристички места, мислам дека сега се виде исправноста на таа одлука“, изјави Гошаревски.

Општина Ресен ја воведе уште пред воведувањето на полицискиот час во државата, пред повеќе од еден месец.