Македонија
24. јуни 2016 - 14:22

Во Велес завршија 7. Етно работилници за ученици

Во Куќата на Касапови или попозната како „Куќата што лебди“ во стариот дел на Велес свечено беше затворена работата на 7. Етно работилници за велешките основци, што ги организира Здружението на граѓани „Разбој“ под покровителство на општина Велес.

Гоце Станчев претседателот на ЗГ „Разбој “ на свеченоста им врачи благодарници на градоначалникот Славчо Чадиев, на инструкторите во етно работилниците и на 60-тината учесници од велешките училишта.

Во неколкуте етно работилници кои започнаа на 15 јуни и траеја во изминатите седум дена, а се изведуваа во неколкуте стари спомен куќи во Велес: Куќата на Касапови, на Кочо Солев Рацин, на Јордан Х. К. Џинот и на Васил Главинов, учесниците од искусните велешки занаетчии кои беа нивни инструктори, учеа за грнчарскиот, столарскиот, ткајачко-плетачкиот занает и изработка на накит.
 
Воедно годинава првпат се одржа и копаничарско-резбарската работилница на која под водство на искусниот копаничар Љубомир Бисин и младиот Филип Спирковски, 18 ученици од велешките ученици првпат навлегоа во тајните на копаничарството. Оваа  работилница за копаничарство и резбарство поради подолготрајнот процес на самиот занает  ќе продолжи и во наредните неколку дена.
 
Гоце Станчев во изјавата за медиумите потенцира дека оваа година се презадоволни и од интересот и од квалитетот на работата на учесниците во етно работилниците.
 
- Поради тоа идното лето ќе планираме и две работлници со поголем број на ученици со цел да ги вклучиме се поголемиот број деца-основци, а кои се интересираат за изучување на старите велешки занаети. Целта на работилниците  е постигната, што значи и дека долгата традиција на старите занаети во Велес ќе продолжи и во иднина, потенцира Станчев.
 
Тој воедно за идното лето најави и работилница за изработка на стари македонски солени и благи специјалитети.
 
Градоначалникот Славчо Чадиев, потенцира дека го радува фактот што се поголем број на млади се интерсираат за старите македонски занаети и сакаат да ги изучат.
 
- Затоа ние како општина Велес и идните лета финансиски ќе ја подржиме работата на етно работилниците како и можноста за вклучување на што поголем број уеници од градот  во изучување на старите занаети, потенцира Чадиев.