Македонија
29. јуни 2016 - 10:36

Во Велес синоќа гостуваше Народно Позориште од Ниш

На големата сцена на новиот театар „Јордан Хаџи Константинов –Џинот“ во рамки на велешкото културно лето синоќа гостуваше театарскиот ансамбл на Народно Позориште од Ниш од Србија, со комедијата „Жорж Данден“ од Молијер во режија на Драгослав Савиќ, кој ја играше и главната улога во претставата. 
 
Велешката публика настапот на гостите од Србија на крајот ги награди со силен аплауз: Драгослав Савиќ, Снежана Петровиќ, Мирослав Јовиќ, Весна Станковиќ, Александар Крстиќ, Маја Вукојевиќ Цветковиќ, Данило Петровиќ и Дејан Гоциќ.
 
По изведбата во изјава за МИА режисерот и актер Драгослав Савиќ нагласи дека е презадоволен од реакцијата на велешката публика 
 
- Презадоволен сум и од сцената и од убавината на вашиот театар што ни овозможи добро да настапиме. Ние сите на крајот бевме многи среќни, по долгиот аплауз од бројната публика. Во Македонија сме настапиле пред десет години, синоќа настапивме во Скопје на фестивалот „Гола Месечина“, а вечерва во Велес. Сме презадоволни од публиката во Македонија. Одбравме да настапиме со комедија од Молиер напишана пред 300 години, која говори за жената која го изневерува сопругот, тема која е актуелна и денес како и пред 300 години, а комедијата е широко прифатена на овие балкански простори и затоа често ја имаме на својот репертоар, појасни Савиќ.
 
Актерот Александар Крстиќ во изјавата за МИА информира дека по премиерата на 26 ноември 2015, оваа им е 15 изведба, но според него, најдобра претстава, бидејќи имале прекрасна сцена и публика.
 
- Ние секогаш даваме се од себе на сцената.Оваа во Велес е најмодерна и ни овозможи најдобри услови за игра па затоа го дадовме максимумот,бевме подобри и од изведбата во Ниш, рече тој.
 
Како што најави Даниела Ивановиќ менаџер на Народното позориште од Ниш во септември повторно ќе гостуваат во театарот во Велес, во рамки на Фестивалот на античка драма „Стоби“ со претставата „Херострат“.