Македонија
8. November 2018 - 15:16

Во Велес показни вежби на ТППЕ –Велес

Територијалната Противпожарна Единица (ТППЕ) во Велес денеска изведе две показни вежби и тоа првата за  евакуација на ученици при пожар на училиште и спасување на повредени во ООУ „Благој Кирков“. Втората беше пракична презентација  на опремата која на Општина Велес за ТППЕ  и ја обезбеди во изминатите неколку години  Дирекцијата за заштита и спасување, а која денеска се презентира на локација кај „Мало Мовче“ покрај Вардар.

Како што појасни за медиумите Љупчо Лепидовски командир на ППЕ на Велес првата показна вежба спасување и евакузција при пожар на училиште и други елементарни непогоди како земјотреси , секое училиште, а согласно Законот за пожарникарство е должно да ја изведува два до три пати годишно.  

– Со овие вежби тимот на училиштето – професорите и учениците  се едуцираат практично  како брзо да излезат од загрозениот објект и да се спасат  од пожар или земјотрес.Со денеска   успешно изведената вежба покажавме дека заеднички можеме успешно да се справиме при вакви несреќи,потенцира Лепидовски.

Тој појасни дека при втората  показна кај „Мало мовче“ покрај Вардар екипата од пожарникари на ТППЕ  ја презентирала работата на пумпата 250 MZТ која служи за елементарни непогоди каде што се извлекува вода за да се спасат човечки животи.Истовремено оваа пумпа може да се користи и при интервенција на пожари на куќи и други објекти  во тесните велешки улици и сокаци во високиот дел на градот.

– Проблемот на оваа пумпа  е само што не може  да ја закачат на нивното возило, туку   принудени  се да ангажираат возило „Там“ од ЈКП „Дервен“, појасни Лепидовски.

Информира дека  на ТППЕ од Велес со  десетте нововработени пожарникари  сега брои  27 и оти имаат најави од градоначалникот Коцевски за уште десет нови вработувања до крајот на годинава. 

Очекуваат и ново помало возило за гаснење на пожари наменето за тесните велешки улици, како и проект за надзорни хидранти во зградите. Тој од велешките бизнисмени очекува донирање и на  нова пожарникарска опрема.

Како што информира Димче Митевски од Дирекцијата за заштита и спасување во изминатите  неколку години преку нив за Општина Велес односно за ТППЕ од Велес е обезбеден камион со противпожарен апарат, возило „амарог“,  пумпа со висок капацитет од три илјади литри вода во минута, апарат за сечење при сообраќајни несреќи и противпожарни црева.

Инаку показната вежба на ТППЕ,беше дел од програмата на Општина Велес за 9. Ноември – Денот на општината.