Македонија
17. November 2016 - 15:38

Во Велес отворени 49. Детски Рацинови средби

Во организација на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ и општина Велес, денеска во Велес почнаа традиционалните 49. Детски Рацинови средби, посветени на делото на поетот и револуционер Коста Солев Рацин.

Програмата почна со поетскиот перформанс „Бесмртна љубов“ и доделување пофалници на учесниците на литературниот и ликовниот конкурс во категоријата за основци и за средношколци од цела Македонија. Традиционално на два споменици на Рацин во Велес беа положени букети цвеќе во негова чест, а од страна на 70-тина учесници – ученици. Тие заедно со нивните наставници од 14 градови во Македонија денеска пристигнаа во Велес, како гости на средбите.

Во салата „Бели Мугри“, која го носи името на познатата стихозбирка на Рацин, свечено почнаа годинашните 49. Детски Рацинови средби, кои денеска и утре се одржуваат во Велес, родниот град на Коста Солев.

Градоначалникот на општина Велес Славчо Чадиев истакна дека „Детските Рацинови средби“ имаат исто, ако не и поголемо значење од Рациновите средби за возрасни, кои се одржуваат секоја година во Велес.

- Тие ја остваруваат истата цел – го негуваат делото на Коста Солев Рацин и го презентираат пред светот. Но, нивната мисионерската улога на пренесување на големината и значењето на Рацин на младите генерации, на нашата иднина, на оние кои ќе продолжат да ги негуваат традицијата, јазикот и културата на Македонците, е она што ги прави „Детските Рацинови средби“, потенцира Чадиев.

На свеченоста се одржа и поетски перформанс во изведба на Драмското студио „Словото“.

Попладнево „Детските Рацинови средби“ продолжуваат со посета на гостите на Народниот музеј во Велес, а потоа и на Спомен-куќата на Коста Солев Рацин во стариот дел на Велес.

„Детските Рацинови средби“ во Велес продолжуваат утре со традиционалниот Поетски караван на македонски писатели за деца и млади, кои ќе настапат во велешките училишта, како и со промоција на најнови книги за деца и млади.