Македонија
26. July 2015 - 13:49

Во Велес одбележани 66 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција 1946-1949

 

Во организација на Здружението за заштита на човековите права на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“ од Велес денеска пред спомен плочата  на загинатите борци во градот беа одбележани 66 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.
 
Во чест и почит кон  загинатите борци на спомен плочата што се наоѓа наспроти велешката Гимназија цвеќе положија претставници на здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Велес и Штип, како и претставници на Сојузот на Здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Македон“, претставници на Општина Велес, на Сојузот на борците од НОВ, на пензионерите и членови на семејствата на загинатите.
 
Како што потсети Бошко Божинов, претседател на Здружението од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“ од Велес, во Граѓанската војна во Грција, Македонците од Егејскиот дел на Македонија земале масовно учество. Од 35 илјади учесници во Демократската армија на Грција 15 илјади биле Македонци. 
 
- Голготата на егејските Македонци - етничкото чистење, се издигнува до степен на Егзодус за време на Граѓанската војна и по поразот на Републиканската армија на Грција во 1949 година, кога еден дел од македонското население е физички ликвидиран, друг дел протеран преку граница, трет дел принудно емигрира, четврт дел пак со примена на невиден притисок и средства е асимилиран и денационализиран. Во војната гинат 20 илјади луѓе, а 28 илјади се принудени да заминат во источноевропските земји. Срамнети се со земја огромен број македонски села во Костурско, Леринско и Воденско, а рачиси сите села се опустошени. Протерани се и 25 илјади деца-бегалци од Егејска Македонија, посочи Божинов.
 
Освен од Егејскиот дел во Граѓанската војна во Грција  земале учество и Македонците од другите делови на Македонија. Меѓу нив и од Велес. На први февруари 1948 година околу 120 млади борци доброволно заминале и стапиле во редовите на ДАГ, од кои 105 чии имиња се овековечени на оваа спомен плоча во Велес, ги оставиле своите животи во оваа војна, потсети Божинов.