Балкан
21. March 2021 - 11:43

Во Турција уапсен прокурдски пратеник

Турската полиција утрово го уапси прокурдскиот пратеник Омер Фарук Гергерлиоглу во просториите на пратеничкиот клуб на неговата партија.

Тој таму протестираше четири ноќи затоа што му беа одземени пратеничкиот статус и имунитетот.

Народната демократска партија соопшти дека Гергерлиоглу е уапсен во Анкара, во пижами и папучи, непосредно пред утринската молитва.

Како што пренесуваат странските агенции, оваа политичка партија е трета по големина во Турција, која веќе неколку години се соочува со притисок од властите. Тие притисоци кулминираа минатата среда, кога главниот турски обвинител одлучи да и забрани да дејствува поради нејзините наводни врски со курдските екстремисти, кои партијата ги негира и ги нарекува „политички удар“.

Само неколку часа пред апсењето на Гергерлиоглу, турскиот Парламент му го одзеде имунитетот поради претходните обвинувања за ширење терористичка пропаганда со објавување информативни линкови на неговиот профил на Твитер.

Покрај тоа, властите го обвинуваат за директно изразување поддршка на основачот на Работничката партија на Курдистан, Абдула Осалан, кој е во затвор од 1999 година.

Работничката партија на Курдистан е прогласена за терористичка организација во Турција.