Македонија
2. August 2021 - 16:52

Во Трново традиционална Семакедонска средба

Владата треба да го чуе гласот на народот и да ја почитува волјата од референдумите во 1991 и 2018 година, порачаа денеска од Светскиот македонски конгрес на Семакедонската средба во потпелистерското село Трново. Го поздравуваат и донесувањето на Резолуцијата за црвените линии во преговорите со Бугарија затоа што демонстрира силно единство во Собранието од пратениците на сите политички партии, од власта и опозицијата.

-Меѓутоа и натаму сметаме дека договорот Заев-Борисов треба да се раскине, а комисијата за ревизија на македонската историја треба да се распушти. Ние сме за историско помирување на македонскиот народ со соседните народи и за склучување на договор за траен мир и добрососедство на Македонија со соседните држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, рече Тодор Петров, светски македонски конгрес.

Пораката која ја испрати Матицата на иселеници е Македонците да бидат сплотени, бидејќи само со слога и единство може да се зачува нацијата и државата.

-Чевствуваме по 50-ти, јубелеен пат и срамота е што имаме помалку луѓе од порано. Но треба да разберете ковидот спречи многу луѓе да доаѓаат. Ќе имаме гости од соседните земји на овој собир. Поканети се сите релевантни претставници, владини, невладини, рече Иван Џо Петрески, матица на иселеници.

-Ние и понатаму остануваме посветени за решавање на граѓанските, имотните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија. Исто така бараме безусловно раскинување на меѓувладините комисии за ревизија на македонската историја помеѓу Македонија и Бугарија и Македонија и Грција, изјави Александар Јаневски, Сојуз на здруженија на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија. 

Јубилејната 50-та по ред Семакедонска средба на  црковниот Храм  „Успение на Пресвета Богородица“ во Трново е во организација на Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија  и Светскиот Македонски Конгрес.