Македонија
12. October 2017 - 14:19

Во Тетово дебата за евроатлантските интеграции

На Државниот универзитет во Тетово денеска во организација на Евроатлантскиот совет на Македонија се одржа јавна трибина под наслов „Зајакнување на младинскиот дијалог за промоција на демократските процеси, во духот на eвроaтлантските интеграции“.

Според заменик министерот за одбрана, Беким Максутим, целта на ваквите тркалезни маси и дебати е да се влијае врз младите за подобро разбирање на целиот процес и нивно вклучување во активностите за зачленување на Македонија во евроатлантските структури.

- НАТО не се само воени прашања, или прашање на Министерството за одбрана, туку тоа е и организација што се залага и за развој на науката, образованието, а придонесува и за справување со елементарните непогоди, промовира вредности за мир и стабилност, рече Максути.

Тој ги наведе резултатите од истражувањата на Евроатлантскиот совет на Македонија, според кои, над 75 отсто од младите го поддржуваат зачленувањето во НАТО, меѓутоа, како што наведе, потребно е и нивно поактивно вклучување во институциите и самиот процес на приклучување.

- Македонија се однесува и де факто е членка на НАТО преку учеството во многубројни мировни мисии низ кризните жаришта во светот каде НАТО е присутен, како и преку учеството во телата и институциите на организацијата. Освен овие показатели и фактот дека од минатиот месец Македонија е членка на НАТО програмата поветена на унапредувањето на образованието, заедно со останатите позитивни активности и од наша и од нивна страна е доволно добар знак дека ќе станеме полноправна членка на северноатлантската алијанса, рече Максути.

За претседателот на Евроатланскиот совет на Македонија Исмет Рамадани дефинитивно треба да се расчисти состојбата дека во НАТО и ЕУ не може да се влезе само со декларативен став туку неопходно еисполнување на барањата и критериумите од двете организации што се надополнуваат една со друга.

- Новиот начин на комуникација на Владата со соседите и позитивните и проактивните мерки и активности во овој правец добива поддршка и од меѓународнат заедница. На овој начин со подршката и силата од внатре и помошта од надвор покажуваме дека можеме да ги надминеме пречките во овој процес и оти наместо проблематична земја сега сме партнер што придонесува за мир, стабилност и почитување на вредностите на НАТО и ЕУ. На овој начин имам впечаток дека и адутите на Грција во проблемот околу името на нашата земја делумно се неутрализираат, изјави Рамадани.

На јавната трибина во Тетово учествуваше и амбасадорката на Хрватска во Македонија Даниела Баришиќ која посочи дека нејзината земја ја подржува Македонија на патот за зачленување во евроатлантското семејство бидејќи ги разбира потребите и предизвиците на Македонија во овој процес.

- Ние долго време бевме дел од заедничка држава, имаме сличен менталитет и немаме јазнична бариера за меѓусебно разбирање. Затоа Хрватска може да ви помогне така што грешките што ние ги правевме при нашето зачленување во НАТО и ЕУ вие да не ги повторите и да ги премостите. И во Хрватска имаше време кога за сите мислевме дека ни се непријатели бидејќи имаа барања и прашања за нас што беа чуствителни и непријатни но времето покажа дека проблемот бил кај нас. Откако го надминавме тоа заедно со Албанија станавме полноправна членка на НАТО, иако заеднички од 2003 година бевме дел од Јадранската повелба, посочи Баришиќ.

Од Евроатлантскиот совет на Македонија највија дека слични трибини и тркалезни маси на овие теми ќе организираат и низ повеќе други градови во државата.