Македонија
5. July 2020 - 16:37

Во тепачка во Батинци едно лице убиено

Еден починат и тројца повредени е билансот од крвавата пресметка која доцна синоќа се случила во скопско Батинци. Животот го загубило 29-годишно момче кое во тепачката со нож било прободено во вратот. Кратко по несреќата било однесено во старата градска болница но лекарите не успеале да го спасат животот на момчето.

Во крвавата пресметка се повредени уште три лица. 28-годишник со исекотини по главата бил однесен на лекување во Св. Наум Охридски. Двајца од повредените на возраст од 25 и 38 години завршиле во клиничкиот центар Мајка Тереза. Помладиот бил примен со исекотини по рацете и по укажаната помош е пуштен на домашно лекување, информираат од болницата. 38-годишникот имал повреди од огнено оружје на десната рака, крвни подливи на главата и набиеници на граден кош. Поради повредите тој моментално е на лекување на одделението за неврохирургија.

Според информации на полицијата, учесниците во тепачката која се случувала синоќа пред 22 часот се користеле ножеви и огнено оружје. На крвавата пресметка и претходела жестока расправија во двор на угостителски објект.

Од МВР се сомневаат дека тепачката која завршила со убиство на 25 годишно момче ја предизвикал жител на селото Батинци кој побегнал од местото и се трага по него. По направениот увид пронајдени биле една чаура и два неиспукани профили. Од МВР велат дека се работи на откривање на причините за несреќата.