Македонија
1. August 2018 - 12:16

Во струшко Ташмаруништа ќе се одбележи денот на Илинденското востание

Пред споменикот на двата Илиндена и во црквата „Свети Архангел Михаил“, каде се наоѓа заедничка гробница на паднатите востаници во струшкото село Ташмаруништа, утре ќе биде одбележан 2 Август - Денот на Илинденското востание.

Прославата ќе почне со звукот на црковната камбана и полагање цвеќе пред споменикот, на заедничката гробница и гробовите на Илинденците, а ќе продолжи во црковниот двор со веселба.

Веќе 70 години се одржува илинденска прослава во ова струшко село каде за време на Илинденското востание 1903 година се одиграла најжестоката борба меѓу востаниците и регуларната турска војска во овој регион.

Како што раскажуваат организаторите на културната манифестација „Илинден“ од Ташмаруништа, борбата почнала на 5 август 1903, меѓу четирите востанички чети (по една од соседните села Ложани и Драслајца, и двете Ташмарунишки) со 140 востаници и десетпати побројниот турски аскер.

И покрај бројната и оружена надмоќ на Турците, востаниците десет часа ги одржале позициите. Но кога од грб биле нападнати од други турски формации, востаниците, заштитувајќи го организираниот бег на населението, се повлекле кон Малесија и Дебрца каде ги продолжиле борбите. При влегувањето на аскерот во селото бил убиен заповедникот - милазимот од страна на тешко ранетите борци, кои не можеле де се повлечат.

Селото било целосно ограбено и запалено. На боиштето останале 27 жртви на востаници и жители, кои по враќањето на селаните од збегот биле погребани. Деветнаесет востаници од соседните села биле закопани во заедничка гробница, а останатите во семејните гробови од селото. с