Македонија
21. March 2020 - 16:45

Во Струмица се затвораат и парковите и детските игралишта

Струмица ги прошири мерките за заштита од корона вирусот. Од вчера попладне сите детски игралишта во парковите се затворени. Затворени се и отворените спортски терени, летниковците во парковите, но и пред станбените објекти кои ги користат повозрасните групи граѓани. Овие простори се оградени со лента со која се дава до знаење дека граѓаните треба да се воздржат од користење на ваквите  објекти и површини со цел да се заштити здравјето на сите граѓани. Апелирајќи до граѓаните да се воздражт од собирање во групи градоначалникот Коста Јаневски потсети дека повредно од здравјето нема и затоа се надева дека граѓаните правилно ќе ја разберат и оваа мерка и ќе ја почитуваат без исклучоци.

,,Голема поддршка за сите вас кои ги почитувате мерките и насоките за заштита на вашето здравје, но упатувам апел до сите останати кои се уште не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата во којашто сите заедно се наоѓаме.

Мерките мора да се почитуваат. Без исклучок. Од сите нас, заедно, зависи како и кога ќе се справиме со овој предизвик. Желба на сите нас е тоа да биде што побргу, но тоа од нас зависи,,- вели Коста Јаневски - Градоначалник на Општина Струмица.

Во меѓувреме, интензивно тече дезинфекцијата на улиците и јавните површини која секојдневно ја прават  јавното комунално претпријатие Комуналец и противпожарната единица. Дезинфекција се врши и во општинскиот центар, но и сите населени места.