Во Струмица одбележан Денот на лицата со Даунов синдром
Со флеш моб најмладите од Струмица го одбележаа светскиот ден на лицата родени со даунов синдром.
Во големо срце нацртано на градскиот плоштад заедно играа околу 1000 деца од градинките, сите основни училишта, но и од посебното училиште во Ново Село, Заводот во Банско и танцовиот клуб Ритам плус.
Преку нивниот настап порачаа „светот е поубаво место за живеење кога се имаме едни со други“.
Од здружението Вера кои беа организатори на настанот велат целта била да се испрати порака до сите во општеството дека и лицата со даунов синдром, но и други попречености се тука и заслужуваат да бидат рамноправни.
„Семејствата кои што имаме деца со даунов синдром 21 март ни е како втор роденден на детето затоа што тогаш со здружени сили испраќаме една порака дека овие деца се тука. Предизвици секој ден имаме. Се надевам дека ден со ден ја будиме свеста и ќе се намалуваат проблемите. Се бориме за инклузија. Струмица е општина во која што сум горда затоа што моето девојче учи во инклузивна средина и е добро прифатена. Тоа е целта на секој родител, детето со попреченост со било каква дијагноза да биде вклучено во редовно образование“, рече Анче Туфекчиева, Граѓанско здружение „Вера“.
Освен преку игра најмладите струмичани нивните пораки за инклузивност ги испратија и преку цртежи со кои ги направија градскиот плоштад. Во рамките на одбележувањето на денот посветен на лицата со даунов сндром беше организиран и хуманитарен хепенинг со продажба на разновидни рачни изработки.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар