Македонија
18. November 2015 - 12:54

Во Струга подготвен водич за поедноставно доаѓање до документи во општината

Стружани имаат можност да се запознаат со документите потребни за одредено решение што е во надлежност на општината преку водичот „Чекор по чекор низ постапките на општината“ изготвен од Центарот на заедницата на Струга во рамките на активностите за 2015 година.

Катерина Талеска-Скепароска претставник од Центарот на заедницата на Струга појасни дека во водичот се содржани сите постапки што се добиваат во општина Струга, односно сите барања и дозволи што граѓаните ги поднесуваат и добиваат од општината.

- Со водичот им ја олеснивме постапката на граѓаните наместо да тропаат од вата на врата и да ги прашуваат вработените кои документи им се пторебни и колку административна такса треба да платат, како и за начинот на добивање на некое решение. Сите тие чекори ги има во овој водич, информира Талеска-Скепароска.

Обемниот материјал во водичот, нагласи, претставува одлична можност граѓаните да се запознаат детално со потребните документи застапени во повеќе сектори.

- Од поднесување во архива, па се до издавање на решението на граѓанинот детално се објаснети постапките. Дали тоа решение е позитивно или негативно и што граѓанинот треба да направи доколку решението е негативно. Опфатени се сите одделенија што ги има во општина Струга, како што се урбанизам, образование, социјална заштита, спорт, култура и млади. Опфатени се и граѓанските иницијативи што граѓаните може да ги поднесат до општината, информира Талеска-Скепароска.

Водичот е испечатен во тираж од 500 примероци и може да се подигне од канцеларијата на Центарот на заедници во Струга и во архивата на Општина Струга.