-->
-->
Во Скопје и Тетово во сила препораките и мерките за заштита од загадување
-->
Стапуваат во сила препораките и мерките за справување со високите стапки на загадување на амбиенталниот воздух во Скопје и Тетово.
Во согласност со препораките од Владата, сите правни субјекти (работодавци) се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, како и да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.
Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Владата ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на единиците на локалната самоуправа да ја намалат (до 50 проценти) употребата на службените возила.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и единиците за локална самоуправа да обезбедат прифатилишта за сместување бездомници и да им дадат поддршка на старите осамени лица преку организирани посети.
Министерството за здравство ја задолжува Службата за итна медицинска помош да доставува информација до ИЈЗ за бројот на повици за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа сè до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина треба да започне со вршење зачестена контрола на инсталациите што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во дозволата по однос на емисиите во воздух.
Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, треба да подготви и да достави препорака до инсталациите што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 проценти), со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите што произведуваат топлинска или електрична енергија.
Единиците на локалните самоуправи се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на советите на општините.
Градежните компании имаат обврска да користат вода за намалување на прашината при градежни активности (прскање, миење гуми пред излез од градилиште, а градежните машини (багери, булдожери, виљушкари) да се пренесат до градилиштата до 7:30 часот наутро.
Мерките стапуваат во сила откако во текот на два последователни дена на мерните места во Скопје – Карпош и Лисиче и во Тетово е надминат прагот од 175 mg/m3 на алармирање за ПM10, во согласност со добиените податоци од Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи.
Среднодневните концентрации на ПМ10-честичките измерени на 25 јануари во Карпош изнесуваат 193,29, во Лисиче 243,74 и во Тетово 188,24 микрограми на кубен метар, на 26 јануари во Карпош 177,14, Лисиче 245,84 и во Тетово 185,05 микрограми на кубен метар.
Од вчера од 18 часот на сила стапија и итните мерки против аерозагадувањето од надлежност на Град Скопје, меѓу кои бесплатен јавен превоз, запирање на градежните работи и поскапен паркинг.
Како што соопштија од Град Скопје, објавените итни мерки и препораки се во согласност со Законот за квалитет на амбиентниот воздух, а на барање на Владата и Министерството за здравство
Мерките и препораки на Градот Скопје предвидуваат: од 18 часот воведување бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници, се до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена.
Се прекинуваат и сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност, воедно, се повикуваат сите градоначалници од општините во град Скопје, да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност. Цената на паркирањето на паркиралиштата на Градски паркинг од овој момент двојно се зголемува и тоа важи се до укинувањето на итните мерки.
Град Скопје, се наведува, изминатите недели вршеше интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност со мерење на емисии во воздух. Притоа извештаите се објавуваат редовно во јавноста. Интензивирана е и контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата, кои, се посочува, мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.
-Го задолжуваме ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност. Град Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување на стока преку Инспекторатот на Град Скопје. Воедно го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување на стоки издадени од страна на Градот Скопје. Апелираме до вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз. Ги повикуваме градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла, се меѓу мерките објавени од Град Скопје.
Воедно, се повикува Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот, Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции. Воедно се бара од МВР да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација, како и да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот.
-->
-->
-->
Ново на Сител
-
ДУИ: Полицијата ги предизвика инцидентите со палење на македонското знаме
-
Средба на министерот Муцунски со Комесарот за трговија на Обединето Кралство, Крис Бартон
-
Социјалистичката партија на Македонија најостро го осудува хулиганското дивеење и уништувањето на државното знаме
-
Димитриевски: Да газиш и кинеш знаме на држава која те израснала, образовала и плаќа за тебе е злосторство
-
Последни два дена за амандманска расправа за Предлог-Буџетот за 2025 на матичната собраниска Комисија
-
Јавното обвинителство презема дејствија за расчистување на настанот со сквернавењето на македонското знаме
-
Премиерот Мицкоски ќе присуствува на почеток на реконструкција на Спортската сала „Расадник“ во Општина Кисела Вода
-
ЦУК: На бројот 112 во изминатото деноноќие 1697 повици, се гаселе девет пожари на отворен простор