Македонија
11. September 2015 - 10:24

Во Скопје 18 сообраќајки, двајца потешко повредени

Сообраќајната полиција вчера во Скопје изврши увид на вкупно 18 сообраќајни несреќи. Од нив, 10 се со последица материјална штета и шест се со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле пет возачи на патничко моторно возило и седум сопатници.

Случени се и две сообраќајни несреќи со последица тешка телесна повреда. Со тешки телесни повреди се здобиле еден пешак и еден сопатник, а со полесни повреди се здобиле двајца сопатници.  

Во текот на изминатиот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се осум возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење со возилото, седум возачи кои поминале на црвено светло на семафор и пет возачи го управувале возилото под дејство на алкохол, кои се исклучени од сообраќај. Санкционирани се и 17 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или поминале на црвено светло на семафор.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на изминатите 24 часа од страна на сообраќајната полиција отстранети се 50 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска со почеток во 12 часот група на граѓани ќе одржат протестен марш кој ќе почне пред Скопскиот саем и ќе продолжи пред зградата на Основниот суд Скопје и пред Владата на Република Македонија. Во зависност од моменталните состојби од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземани мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот.

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на првата помош, утре од 11 до 12 часот Отсекот за превенција во сообраќајот заедно со Црвениот крст на Град Скопје на четири локации во градот – ТЦ „Бисер“, ТЦ „Сити мол“, Триумфалната порта на плоштад „Македонија“ и наспроти МТВ кај факултетите ќе симулираат сообраќајни незгоди. Волонтерите на Црвениот крст ќе симулираат укажување на прва помош на повредени лица во истите несреќи.