Македонија
2. April 2020 - 17:04

Во Систина регистрирани 54 позитивни случаи, дали сите ќе бидат повторно тестирани?

Тестовите за коронавирус направени во „Систина” не се во спротивност со оние од Институтот за јавно здравје, туку се надополнуваат еден со друг. Од приватната болница тврдат дека иако станува збор за два различни теста, и двата во светот се користат како клучна алатка за справување со новиот вирус.

Недоразбирањата во јавноста настанаа по синоќешната објава од Систина дека нивните тестови извршени на 327 лица покажале присуство на вирус кај 54 од нив, по што се огласија од Министерството за здравство дека тестовите треба да бидат повторени во Институот за јавно здравје.

Но од приватната болница прецизираат – следејќи ги препораките од Светската здравствена организација за рана детекција, нашите брзи тестови само откриваат дали лицето имало претходен контакт со вирусната инфекција, односно дали развило антитела.

Конечна потврда за позитивен случај на Ковид -19 даваат таканречените Пи-Си-Ар тестови, кои ги врши Институот за јавно здравје.

 „Брзите тестови се однесуваат на откривање на антитела. За да има антитела, значи дека организмот веќе бил во контакт со вирусот. За да докажеме дали има присутен вирус, потребен е Пи-Си-Ар. Значи антителото го изразува сомнението дали бил во скорашен контакт, подоцнежен контакт, а Пи-Си-Ар треба да потврди дали ќе постои. Може пак да го нема во телото”.

Димов вели дека нивните тестови, кои се слични како оние за крвна слика и даваат резултати за половина час, даваат само сомнеж за позитивни на корона, кој треба да биде потврден со брис тестовите од државните институции.

Од Министерството нема одговор на прашањето кога и со каков приоритет ќе бидат третирани позитивните на антитела од Систина и дали тие се во изолација.

Првиот човек на македонското здравство вели дека институциите мораат да ги контактираат овие луѓе, кои задолжително треба да го поминат и молекуларниот тест.

„Секој позитивен на антитела мора задолжително да го направи и овој тест за да знаеме дали е вистински носител на вирусот...”

Од Систина велат дека се во преговори со Фондот и веќе од следната недела очекуваат кај нив да се прават и тестовите кои сега се прават во Институот за јавно здравје. Засега приватната болница располага со капацитет од 300 до 400 брзи тестови дневно. Тестирањето се врши со земање крв, а процесот трае не подолго од 10 минути и чини 1200 денари.