Во штипската населба „Света Недела“ со години се краде вода и струја, општината бара решение
Штипскиот градоначалник го свика Советот за превенција, поради хаосoт кој владее во населбата „Света Недела“. Со години се краде струја и вода, а дивоградби никнуваат како печурки после дожд. За решавање на овој горлив проблем потребна е заедничка координација на сите институции од локално и централно ниво.
-Со овој проблем се засегнати сите жители од околните населби, но и генерално жителите на општина Штип, затоа што загубите на електрична енергија ги плаќаме сите ние. Сите домаќинства на територија на општината плаќаат од сопствените средства загуби на електричната мрежа, затоа што им се дозволува и не се интервенира од страна на СВР –Штип за да се исклучат од електричната мрежа сите овие диви приклучоци- изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип
На состанокот присуствиваа и жители на УЗ „Света Недела“, што редовно си ги подмируваат сметките и ги искажаа своите проблеми со кои секојдневно се соочуваат.
-Овие приклучоци предизвикуваат намален напон на електричната енергија, оштетвување на електричните уреди и несоодветни услови за домување- додаде Јорданов
Претставникот на ЕВН истакна дека како компанија се засегнати да се реши проблемот, со цел да има нормално снабдување со струја на домаќинствата кои имаат легални објекти и приклучоци на нивната мрежа. Од инспекциските служби информираа дека има над 150 нелегално изградени објекти, во кои домуваат лица жители на други населени места и градови, а кои на инспекторите им велеле дека овде се доселиле, зашто не плаќаат струја и вода. Побараа полициска асистенција, за овие граѓани да се вратат во своите матични средини, но и за уривање на дивоградбите.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар