Македонија
2. November 2015 - 8:16

Во Рим ќе биде поставена плоча во чест на Свети Кирил и Методиј

Во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим денеска, во рамки на официјалната посета на претседателот Ѓорге Иванов на Ватикан, ќе биде поставена плоча во чест на Свети Кирил и Методиј, јави известувачот на МИА.

Поставувањето на плочата е иницијатива на претседателот Иванов, која по неколкугодишни напори е прифатена од ватиканските власти.

Во 2013 година претседателот Иванов упатил писмо до папата Бенедикт со кое го замолил за помош и поддршка во годината кога се одбележува јубилејот – 1150 години од почетокот на словенската мисија на светите Кирил и Методиј, од име на целиот македонски народ, да се оддаде почит, признание и благодарност на словенските просветители преку свечено поставување на спомен плочата во базиликата Санта Марија Маџоре.

Претседателот Иванов уште во 2011 година, за време на церемонијата за беатификација на Јован Павле Втори, кога ја посетил оваа базилика забележал две спомен плочи на благодарност кон делото на светите браќа од словачкиот и од бугарскиот народ, па оттаму и идејата и македонскиот народ на тој начин да ја изрази својата благодарност и веднаш се заложил за добивање соодветно одобрение од ватиканските власти.

На оваа тема е разговарано и при првата кратка средба со папата Франциск во март 2013 година, како и на средбата во мај 2014 година. Побарана е поддршка и од новиот државен секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.

- По неколкугодишен заеднички напор, мој и на Папата, се овозможи да искажеме благодарност од македонскиот народ за чинот што е случен во Рим, во црквата Санта Марија Маџоре. Како што е познато, во тој храм првпат се осветени светите книги кои се преведени на старословенски јазик и на тој чин Папата ги осветува книгите кои ги донеле Кирил и Методиј. Кога видов дека другите народи искажале благодарност, пред неколку години ја покренав иницијативата да ни се овозможи нам, како македонски народ, да поставиме спомен плоча во која ќе искажеме благодарност за тој чин, истакна Иванов по аудиенцијата кај папата Франциск.

Во име на македонскиот народ и во знак на благодарност за високата меѓусебна почит и континуираното пријателство од претседателот Иванов на државата Ватикан се подарени два подарока, сребрен филигрански крст со македонски рубини и бронзен релјеф со библиска тема, дело на авторот Константин Јанев. Релјефот е изложен во централниот дел на ватиканските простории.