Македонија
18. November 2017 - 15:32

Во Прилеп трибина „Македонците во Албанија, искуства и предизвици“

Македонската држава да покаже поголема грижа за животот и состојбата на Македонците во Албанија, порачаа учесниците на денешната трибина насловена „Македонците во Албанија, искуства и предизвици“ што ја организира Институот за старословенска култура од Прилеп во градската библиотека „Борка Талески“.

На трибината учествуваа научни соработници од Македонија и Албанија, а беше прикажан и првиот дел од документарната емисија „Македонците во Албанија“, по сценарио и режија на професор д-р Катерина Тодороска, научен советник во Институтот за национална историја од Скопје, а во продукција на „Кодекс“ од 2005 година.

Според Ели Луческа, директор на Институтот за старословенски јазик од Прилеп, кој е организатор на трибината целта е да се проговори за животот и состојбата на Македонците во Албанија

- Како научна установа имаме обврска да отвораме и да дебатираме за повеќе прашања. Конкретно, основната цел на оваа трибина е да проговориме за искуствата и предизвиците колку е тешко или лесно да се биде Македонец во Албанија, колку е тешко или лесно да бидат признати или непризнати прадедовските корени, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Со оглед на фактот дека ние како институција имаме скромни теренски истражувања, не по наша вина, во соседната земја, ние поканивме научни работници и од Македонија и од Албанија да проговорат на оваа тема, рече Луческа.

Трибина Македонци Албанија

За професор д-р Катерина Тодороска од Институтот за нациоална историја, Македонците во Албанија живеат тешко, а матичната држава не покажува голема грижа и активност.

- Прво, како држава немаме стратегија како да се однесуваме кон нашинците надвор од државата. Македонците во Албанија живеат во мизерни услови и немаат помош од македонската држава и за учење и општо, за помош за подобрување на нивните услови за живот. За тоа е потребен поширок консензус, а не само науката да зборува која нема средства да направи комплетни истражувања. Ако тоа се овозможи, врз основа на опсежни научни истражувања, државата може да ја направи стратегијата за грижа за малцинствата, во овој случај на македонското малцинство во Албанија, вели Тодороска.

Според неа, прво и основно треба да се испрати кадар во македонската амбасада во Тирана и да има поголемо присуство на македонските политичари меѓу македонското население.

- Имаме министер за дијаспора кој ќе треба повеќе да се ангажира. Инаку, македонското малцинство е признато само во Преспа, а на тоа население сега врши притисок и бугарската држава, особено што во сите пописи досега во Албанија не постоела графа како можност за изјаснување на бугарско малцинство. Затоа прашањето е проблематично врз основа на што албанската држава извлече дека може да има едно малцинство кое нема ниту еден човек, вели Тодороска.

Денис Аџија, по потекло од Гора, инаку докторант на Институтот за национална историја во Скопје вели дека Македонците живеат тешко и во населените места нема основна инфраструктура.

- На пример, Горанскиот дел е еден од најзаостанатите подрачја и не е патно поврзан со градовите во Албанија. Претставници од македонската држава треба поактивно да се вклучат и да бидат на терен меѓу македонското малцинство. Партиите на Македонците во Албанија суштински не се грижат за населението, туку повеќе декларативно го прават тоа, вели Аџија.

Васил Стерјовски од партијата „Македонска алијанса за европски интеграции“ од Корча, Албанија смета дека засилена е пропагандата на бугарската држава за сметка на Македонците во Албанија.

- Пред еден месец албанскиот парламент го усвои Законот за малцинствата и под притисок на Бугарија со закана за вето го вметна и бугарското малцинство кое не постои, но се претендира на областите каде живее македонско малцинство. Тоа е голем притисок и Македонците се оставени сами на себе. Ние реагиравме до албанските институции, а бараме матичната држава да покаже грижа, изјави Стерјовски.Трибина Македонци Албанија

Цветко Китани, наставник во Пустец вели дека таму живеат чисти Македонци, но во потрагата по подобар живот дел од нив почнале да вадат бугарски пасоши, како од земја-членка на ЕУ.