Македонија
6. January 2018 - 17:31

Во Прилеп финишираат подготовките за Бадник и Божик

Со песна, позитивна мисла, ведро расположение и силна верба во Бога, вредните и неверојатно вешти и креативни прилепчанки, во исчекување на радосната вест за Рождеството на Богомаледнецот, ги приготвија најубавите посни јадења за Бадниковата трпеза, со која ќе биде означен крајот на шестнеделниот Божикен пост и доаѓањето на Божик. Лилјана Ѓорѓиеска од Здружението *Преродба*, повикувајќи се на многулетните верски адети, како и на православната традиција, раскажува дека, Бадниковата вечера е исклучиво семеен празник, дека на трпезата се принесуваат непарен број посни јадења, како и тоа дека колку ќе биде богата трпезата, толкав ќе биде и берќетот во домот во престојната година.

Според верувањата, Бадниковата трпеза не се растура се до наредното, Божикното утро, бидејќи се верува дека во текот на ноќта Бог ќе дојде да вечера. 

Во Прилеп, Бадниковата трпеза не го содржи лепчето со паричка, иако некои семејства го практикуваат и тој адет, појаснуваат од Здружението *Преродба*, притоа додавајќи дека паричката се става во Василичарскиот мазник за Стара Нова година.