Македонија
18. January 2024 - 19:56

Во понеделник ќе нема автобуси во Скопје, вработените во ЈСП немаат земено плата за декември

Автобусите на ЈСП во понеделник нема да возат ако во следните три дена не им се подели плата на вработените. Ќе штрајкуваат и возачите и администрацијата. Јавното претпријатие не може да им даде пари за декември оти одлуката за доделување субвенции од 11 милиони евра од Град Скопје не помина. Затоа синдикатите бараат да се свика итна седница и советниците да ги одобрат овие средства.

„Вработените во ЈСП се на јасно – во понеделник јавен превоз во Градот Скопје ќе нема. Единствено може да се случи, во договор со раководниот кадар на ЈСП и со вработените, да одлучиме на линија да одат само оние автобуси кои ќе ги превезат децата во училиште затоа што им почнува првиот училишен ден од второто полугодие. Друг вид на превоз нема да има“ – Миќо Стојановски, синдикат на ЈСП

Градоначалничката Арсовска вели дека таа свикала вонредна седница, но претседателот на советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, точката за субвенции за ЈСП ја отстранил од дневниот ред.

„Побаравме нова вонредна седница, истата сѐ уште не е свикана до овој ден. Доколку сакаат свесно да ги уништат претпријатијата, одговорноста е нивна, ние од наша страна сѐ што сме можеле сме направиле. Од нивното однесување на луѓето им зависи егзистенцијата, но и целосното функционирање на Скопје“ – Данела Арсовска, Градоначалничка на Град Скопје

Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пак велат:

„Односот кон советот е игнорантски, без консултации, без почитување на одлуките на Советот од минатото, без анализа каде се трошат средствата на Градот во ЈСП, без одговор за незаконските вработувања и без оправдување за енормните трошоци. Кога ќе се воспостави комуникација, ние сме подготвени во секое време да ги разгледаме барањата на ЈСП и да реагираме соодветно на нив“.

Ако се оствари планот за штрајк на ЈСП, ова ќе биде вторпат во историјата Скопје да остане без јавен превоз. Во октомври 2022 Јавното сообраќајно претпријатие, исто така, штрајкуваше оти им доцнеше една плата. 

Главниот град пола година немаше редовен јавен превоз и поради тоа што не возеа приватните превозници кои се скараа со градоначалничката заради милионски долг.

Арсовска дојде на функција со ветување за набавка на 250 еко-автобуси и целосно бесплатен јавен превоз за сите граѓани.