Балкан
6. јуни 2024 - 18:45

Во полициска акција во шест европски земји уапсени 17 членови на албанска нарко организација

Во координирана полициска акција спроведена во Белгија, Франција, Холандија, Германија, Италија и Австрија, против албанска криминална организација, уапсени се 17 нејзини членови.

Од вкупниот број еден е уапсен во Равена и двајца Тоскана, Италија, во Белгија се уапсени 11, додека 3 во други европски земји каде што се проширени контролите со цел екстрадиција во Белгија.

Според истрагите, членовите на организацијата се меѓусебно роднински поврзани и сите потекнуваат од албанскиот приморски град Валона.

-Станува збор за еден вид албанска мафија, која се занимава со се што е поврзано со кокаин, од увоз до пакување, продажба, дури и трговија со оружје. Меѓу дејствијата што и се припишуваат на организацијата, има и насилни епизоди поврзани со криминалци опишани од белгиските обвинители како особено опасни и решителни – објави „Ора њуз“.

При претресите, во рамки на акцијата, запленети се над 100 килограми кокаин и амфетамин, огнено оружје, хемикалии, панцири и 265 илјади евра.

-Групата шверцери кои ги истражуваше полицијата во Антверпен во Белгија, беа специјализирани за дистрибуција на големи количества дрога кои потоа беа транспортирани во различни земји со возила опремени со скриени простори.

Истрагата на правосудната полиција се однесува на организација за која се знае дека е активна во увоз на кокаин од Јужна Америка и перење пари од шверц на кокаин, наведува телевизијата.

Според истиот извор имињата на уапсените воопшто не се непознати за органите на прогонот. Во 2014 година, водачите биле осудени од 10 до 12 години затвор, додека други со помали улоги добиле казни од 3 до 7 години. Но и покрај тоа не се обесхрабриле и го продолжиле по својот криминален пат.