Македонија
22. December 2015 - 14:22

Во Охрид презентиран регионалниот туристички производ „Balkan Hiking Adventure“

Во Охрид денеска беше презентиран новиот регионален производ од областа на планинскиот туризам „Balkan Hiking Adventure“, продукт осмислен да ја збогати туристичката понуда и ќе придонесе за економскиот развој на Полошкиот, Југозападниот и Пелагонискиот регион.

Станува збор за туристички производ осмислен и креиран со поддршка на германското Друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) по налог на Сојузното Министерство за меѓународна соработка и развој на Германија, а вклучува водич, шест мапи за патеките поделени по планински масиви, телефонска апликација за Андроид и iOS платформите, како и соодветна веб-страница.

Проектот опфаќа 37 обележани туристички патеки на планините Шар Планина, Бистра, Дешат, Крчин, Стогово, Јаблница, Галичица и Баба, од кои осум патеки се прекугранични, односно регионални оттаму што овозможуваат туриситчко доживување во три држави - Македонија, Косово и Албанија. Патеките можат да се користат како еднодневни тури или да се комбинираат во повеќедневен активен одмор. Во производот се вклучени и сместувачки и угостителски објекти вдолж патеките како и места од интерес поврзани со богатото културно и природно наследство на регионот.

Координаторот на проектот Аница Палацо при презентирањето на проектот потсети дека односните региони според статистиките се наоѓаат далеку под националниот просек во однос на развојот, со висока стапка на невработеност а поседуваат огромни потенцијали како природни ресурси, културно-историско наследство и слично.

- Ние целиот проект го гледаме како економска мерка, со цел да донесе нови можности за заработка за руралното население од трите региони. Прво предвидувавме соработка на регионите меѓусебно, а потоа воспоставување прекугранична соработка, со тоа што ќе се даде можност на туристите да посетат три држави, што е посебно атрактивно и привлечно на современиот туристички пазар, рече таа.

Покрај идентификацијата и бележењето на патеките, со цел да се подобри квалитетот на понудените услуги, ГИЗ поддржа реновирање и опремување на осум селектирани објекти, како и обуки за понудувачите на туристички услуги. Воедно 15 млади луѓе од поширокиот регион беа учесници на курсеви за обука за професионални водичи во планина, согласно меѓународниот ИМЛ-стандард.