Loading Video...
Македонија
5. March 2021 - 16:38

Во недела доаѓаат 3.000 Спутник вакцини преку ДХЛ

Со брза пратка преку ДХЛ во недела во Македонија ќе стигнат првите 3000 вакцини Спутник В кои државата ги набавува од Русија. Ова со резерва го најави премиерот Зоран Заев.

-Секој ден очекуваме конкретна информација кога ќе стигнат вакцините. Сега имам конкретна информација кога ќе стасаат ама како да кажам, ако не стигнат? Во недела ги очекуваме првите три илјади што ќе дојдат преку ДХЛ, а министерот се организира со амбасадорот да ги пречека и потоа тие да бидат пуштени, изјави премиерот Зоран Заев.

Премиерот рече дека до крајот на март треба да добиеме помеѓу 20 и 30.000 дози вакцини од АстраЗенека преку Ковакс механизмот. Во текот на денот Заев рече дека ќе разговарал со британски претставници од највисоко ниво дали може вакцините од овој производител да стасаат за 7 до 10 дена. Вчера беше најавено дека до крајот на месецов се очекуваат 21.000 дози од Фајзер преку директен договор со компанијата. За првата количина од кинески Синофарм се уште нема термин откако беше повлечен платениот аванс.

Додека се чекаат вакцините се зголемува бројот на новозаразени. Премиерот рече дека имаме нов пик, но дали ќе има нови рестриктивни мерки ќе се одлучува во понеделник.

– За евентуално други рестриктивни мерки ќе ја чекаме Комисијата за заразни болести. Веројатно тие ќе работат денеска и во текот на викендот, а во понеделеник во 9 часот стандардно има состанок  Главниот координативен штаб на Владата каде присуствува и министерот за здравство. Ние ќе ги следиме нивните препораки, Имаме еден нов пик, рече Заев, но да видиме што ќе кажат бројките овие денови и конечно кој ќе биде предлогот на Комисијата за заразни болести, рече Заев.

Во меѓувреме поради зголемениот број на хоспитализации на пациенти со Компликации од Ковид во функција од денеска е ставена и модуларната болница пред Инфективната клиника.