Македонија
31. August 2017 - 11:14

Во МНР тет-а-тет средба Димитров - Коѕијас

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас претпладнево пристигна во еднодневна официјална посета на Македонија. Тој во МНР беше пречекан од неговиот домаќин, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, по што заминаат на тет-а-тет средба.

Предвидена е и пленарна средба на двете делегации, по што Димитров и Коѕијас ќе имаат заедничка прес-конференција.

Грчкиот министер за надворешни работи, кој во Скопје пристигна со автомобил од Солун, во текот на денов ќе има средби и со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, со претседателот на Собранието Талат Џафери и со претставници на парламентарните партии.

Посетата на Коѕијас е возвратна, по таа на Димитров на Атина во јуни годинава. Во фокусот на разговорите, според најавите, е имплементацијата и проширувањето на мерките за градење доверба и најновите случувања во регионот.

Министерот Димитров, вчера во одговор на новинарско прашање за очекувањата од посетата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, рече дека е важно да воспоставиме отворена релација и Грција да го препознае новиот момент во Македонија и да го поддржи.

- Довербата е првиот чекор кон пријателство и тоа е многу важна работа. Целта е да се прошират мерките за градење доверба во повеќе области и да се направат пореални и да се имплементираат. Второ, повлековме една сериозна линија на корективни мерки согласно времената спогодба. Ова министерство и Влада ги земаат сериозно преземените обврски, го земаат сериозно Уставот на Македонија и ќе бидеме многу принципиелни и цврсти во контекст на излетот што ни се случи во Канада. Тоа само ќе ни ги зајакне позициите и во однос на утрешната средба и генерално во однос на Грција, изјави Димитров.

Во пресрет на посетата на Коѕијас, завчера во Атина беше одржан состанок за мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција во согласност со договорот постигнат меѓу министрите за надворешни работи на двете земји во Скопје на 24 јуни 2015 година.

Состанокот, како што информира МНР, претставува продолжение на пријателскиот и конструктивен дијалог на заемно договорените теми, како што се проекти за меѓусебно поврзување во областите на транспортот и енергијата, потоа полициска соработка, европски програми, култура, образование, цивилна заштита, јавна администрација, здравствена заштита, соработка меѓу дипломатските академии и иницијативи за деловна соработка. Од МНР истакнуваат дека е одлучено следниот состанок да се одржи во Скопје.

Грција, како што повторуваат претставници на грчкото МНР, „останува посветена на подобрување на соработката меѓу двете земји, придонесувајќи за консолидација на култура на консензус и компромис со цел стабилност на внатрешно и на регионално ниво“.

Никос Коѕијас со своите домаќини во Скопје, според најавите од двете страни, нема да разговара за спорот за името.

Се очекува Димитров, како и при посетата на Атина во јуни, да побара поддршка за градење добрососедски односи и деблокирање на процесите за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ. Отворањето на тие патишта, според Димитров, може да придонесе да се затвори и главното прашање меѓу Скопје и Атина. 

Од друга страна, медиумите во Атина, пишуваат дека грчката Влада ќе се обиде да ги спушти очекувањата од посетата на Коѕијас и да ја искористи за да покаже дека новата Влада на Заев нема волја за решавање на спорот, бидејќи е во првите 100 дена од формирањето и во октомври земјата ја очекуваат локални избори.