Македонија
3. April 2019 - 12:24

Во март регистрирани 128 пожари

Според податоците на Секторот за заштита на шумите, надзор и внатрешна контрола во текот на март се регистрирани 128 пожари на територијата на целата држава, што е најголем број на шумски пожари во тек на еден месец години наназад.

Од нив, како што вели Зоран Ѓорѓиев, директор на ЈП Македонски шуми 47 се навлезени во шума и има сериозни штети по дрвната маса. Останатите 81 пожар се предизвикани надвор од шумата, a од нив поголем дел- 55 завршиле во шума.

Од пожарите опожарена е вкупна површина од 2817ха. Опожарена е и дрвна маса од 3250 м3, со што е причинета штета од 53 и петсто милиони денари.

-Тоа значи дека во месец март шумско земјиште и шума горелe на територијата на целата држава.  Пожар на отворен простор е секое неконтролирано горење на шума и шумско земјиште, без оглед на зафатената површина, интензитет и причина за негово настанување, кое опфаќа и горење на земјоделска површина и пасиште, поблиску од 200 метри до работ на шумата. Шумски пожар е секое неконтролирано горење на шума, шумско земјиште без оглед на зафатената површина, интензитет и причина за негово настанување. Според овие дефиниции за пожар – шумски пожар е појава која сериозно го нарушува животот и здравјето на луѓето, неповратно го уништува шумскиот потенцијал, ја деградира природата и животната средина и причинува значителни материјални штети и финансиски трошоци, вели Ѓорѓиев.

Тој појаснува дека најчест причинител за појава на шумски пожар во 99 отсто од случаите е човекот, додека громот и самозапалувањето како причина за настанување на пожар учествуваат само со 1 отсто.

-Пожари предизвикани од човекот може да бидат намерни-подметнати пожари и ненамерни-од невнимание при палење на стрништа, палење пасишта, фрлени опушоци, сообраќајна незгода, искра од алат при работа, искра од електрични далеководи, приготвување скара во шума, палење логорски оган, палење депонии… Годинава скоро сите пожари се предизвикани или од невнимание, или од палење на стрништа, пасишта и земјоделски површини и тоа надвор од шума, а кај 47 од пожарите имаме навлегување и зафаќање на шумите, истакнува директорот на ЈП Македонски Шуми.

Ѓорѓиев потсеува дека согласно законските одредби од Закон за шумите забрането е палење на отворен оган во шума и на земјиште во непосредна близина на шумата, на растојание најмалку од 200 метри од работ на шумата, но оти поради  непочитување на ова правило во овој период има вкупна опожарена површина од 2817ха, од кои 1400 ха се предизвикани надвор од шума, а влегле во шума, а само 150 ха се останатати надвор од шума, што значи дека во шума има  зафатено 1267 ха.

-По добивањето на информацијата за настанат пожар, претпријатието што стопанисува со шуми, односно посеви, веднаш на лице место упатува мобилна екипа со потребните средства и опрема за почетно гаснење, средства за врски, храна и вода за сопствени потреби со задача да го потврди постоењето на пожарот, да изврши процена за големината и развојот на пожарот, и  да предложи ангажирање на соодветни персонални и материјални ресурси за негово локализирање и гаснење. Согласно, Правилникот за посебните мерки за заштита на шумите од пожари и согласно Годишниот оперативен план кој го изработуваат подружниците, при настанување на шумски пожар ЈПМШ имаат обврска да дадат прв одговор со гасначи и средства за гаснење, вели Ѓорѓиев.

Тој гарантира дека сите овие мерки се преземени и применети и оти вработените во ова јавно претпријатие и покрај обврската за прв одговор, секогаш се присутни на теренот и после доаѓањето на екипи од другите релевантни институции и помагаат во гаснењето.

– И покрај преземените мерки и сите залагања на сите институции, периодот кој го одбележаа пожарите остави длабоки траги во однос на пореметување на работата на ЈП со пренасочување на вработените во екот на производството, на гаснење пожари. Вкупната опожарена дрвна маса изнесува 3250 м3, со што, според оштетниот ценовник е причинета штета од 53 и петсто милиони денари, вели Ѓорѓиев.

Тој притоа потсетува и дека на 29 март врз основа на Законските одредби, а со цел да спасат шумите и другите шумски површини, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на барање на јавното претпријатие донесе Одлука за делумна забрана за  движење во шума, со предвидени глоби за прекршителите од 1500 до 3000 евр), казни кои се предвидени согласно Законите за шуми и ловство, а со цел да се ограничи движењето во шума на потенцијални причинители на пожарите.