Македонија
21. September 2018 - 12:22

Во манастирот Јоаким Осоговски се празнува раѓањето на Пресвета Богородица

Во дворот на манастирскиот комплекс св.Јоаким Осоговски во Крива Паланка денеска со утрена богослужба и света литургија се одбележа големиот христијански празник Рождество на Пресвета Богородица - Мала Богородица.

Свештенослужителите од Кумановско-осоговската епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво служеа света литургија, со која чиноначалствуваше архиерејскиот намесник Александар Смиљков, по што во дворот на манастирот пред црквата посветена на Божјата мајка, беа осветени вода и славските колачи на годинашните куми на празникот, чиј број надмина педесет.

Бројни верници ги посетија храмовите на овој празник што според религијата е посветен на мајките, но и на сите кои се молат за пород.

Според преданието, Бог одредил Пресвета Богородица да ја прими блажената вест од ангелот дека ќе го роди Спасителот на светот, синот божји, Исус Христос.