Македонија
26. December 2017 - 14:22

Во Македонија најмалку се пријавува сексуалното насилство

Сексуалното насилство е едно од најсекојдневните форми на насилство во Македонија, но во исто време и едно од најмалку пријавуваните.

Ова се наведува во „Студијата на опсег за различни форми на сексуално насилство во Република Македонија“, која денеска е презентирана од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Елена Димушевска од Националната мрежа, рече дека студијата ја изработиле со цел да се добие генерална слика за тоа колку сексуалното насилство и сексуалното вознемирување се препознава во земјава, и да се направи преглед на законската регулатива со цел да се има увид што е точно регулирано и на кој начин.

Љупка Трајановска од оваа организација рече дека за истражувањето бил користен онлајн прашалник, за ставовите и искуствата на граѓаните во областа на сексуалното насилство, што бил одговорен од вкупно 5.136 испитаници од кои 745 мажи и 4.391 жени.

Најпрепознаена форма на сексуално насилство е полов напад, а силувањето во интимна партнерска врска е препознаено како форма на сексуално насилство, покажале резултатите од онлајн прашалникот.

И сексуалното вознемирување на работното место е најмалку пријавувано, иако жените и девојките често се соочуваат со таа форма родово насилство.

Според резултатите, сексуалното вознемирување е најмалку препознаено од пошироката јавност, како и оти пристапот на полициските службеници е обесхрабрувачки и ги одвраќа жртвите од пријавување. 

Во студијата е дојдено до заклучоци и дека во МТСП не постојат протоколи за постапување со жртви на сексуално насилство, здравствените работници не се доволно едуцирани и информирани за постоечките протоколи за постапување со овие жртви.

Сексуалното насилство и сексуалното вознемирување се видови родово базирано насилство кои најмалку се препознаваат во земјава, а со кои жените и девојките секојдневно се соочуваат, посочија претставничките од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.