Македонија
13. October 2018 - 19:48

Во Македонија исчезна театарската критика

Се помалку се пишува, а уште помалку се објавува театарска критика, вели театарскиот критичар Иван Додовски. Но, тоа не значи дека не постојат вредни работи кои се создаваат, туку не можат да бидат потенцирани и издвоени, вели Додовски чија театролошка студија „Мало фолио за театар“ синоќа беше промовирана во Битола.

- Живееме во општество кое воопшто критичкиот дискурс го анатемиса. За жал. Затоа тоа отсуство на дијалог, критичко размислување и разговор, создава ситуација во која не можеме креативно да размислуваме и да наоѓаме решенија како заедница. Крајно време е да сфатиме дека вложувањето во културата, критичкото размислување за култирата е основен услов за да создаваме вредности, за да го издвоиме доброто од помалку доброто, РЕЧЕ ПРОФ.Д-Р ИВАН ДОДОВСКИ, ТЕАТАРСКИ КРИТИЧАР И АВТОР НА КНИГАТА.

Денеска не постои театарска критика каква што постоеше пред извесно време.

- Ние сме до таа мера опседнати со политиката што културата, не само театарот, ни е отидена настрана, на периферија, на работи од општествениот интерес. Заборавајќи притоа дека доколку нема силна култура, ако нема театар, ако немаме општествено внимание врз она што се случува во театарот, ние имаме политика која е далеку полоша од она што може да биде, истакна ВЛАДИМИР МИЛЧИН, ПРОМОТОР НА КНИГАТА.

„Мало фолио за театар“ ги содржи сите театарски критики, студии и осврти, записи од фестивали и интервјуа кои авторот ги пишувал од 1993 година до денес, а најголем дел се за битолскиот театар.