Македонија
10. August 2019 - 11:31

Во Луковица се справуваат со природата, ама не и со општеството

Како е да се живее во 21-от век во населено место до кое нема асфалтиран пат меѓу ретките во државата знаат околу 40-тина постојани жители на тетовското село Луковица кое е дел од општина Желино. Животот е подреден на она што го нуди природата бидејќи не можат да се потпрат на цивилизациските придобивки затоа што ја немаат една од основните-асфалтиран пат до останатите населени места.

За да се стигне до Тетово потребно е возење од околу еден час иако има триесетина километри.  Од Тетово по автопатот во правец кон Скопје, па се излегува кај Групчин. Се продолжува по двонасочен рурален пат се до Мерово.  Коловозна лента има до месноста „Крстец“ односно крстосница каде патот продолжува до Седларево или се оди лево до Луковица.  Од тука почнуваат шестте километри до Луковица, неасфалтираната делница што за да се помине со лека кола потребни се половина час и ограничено забрзување на возилото од само 10-15 километри на час за да се избегнат оштетувања.  Поспорото управување со возилото е неопходно зошто се поминува земјен пат врз кој со години се истурал песок, а има и камења. Песокот се поставувал за да се пополнат дупките врз земјениот пат, но од тоа се добива и контраефект,  односно опасност да се дупне гума од тркалата или поради поголемите камења да се оштети долниот дел од возилото. Бидејќи Луковица е на 930 метри надморска височина има многу и нагорнина, многу таканаречени „Ѕ“ кривини поради што е потребна голема внимателност и умешност на управување со возило за да се избегне излетување во планинска провалија.

Долж патот се согледува сета убавина која природата ја дала на планината Сува Гора. Зеленило во сите нијанси, дабови и букови дрвја, ливади со зелена трева и среде лето во август.

На влезот во Луковица или Лукојца како што најчесто дијалектолошки се нарекува од мештаните се наоѓа една од трите цркви во селото-Света Петка.  Околу селото се наоѓаат и манастирската црква „Св. Илија“ и црквата „Св. Ѓорѓи“.

Ќирко Милошески е еден од малкумината возрасни кој успева да живее во ова село и да обезбеди егзистенција.  Има стадо од 170 кози од кои добива млеко па прави домашно сирење и заработува од нивната продажба.

-Околината и атарот на Лукојца е толку многу чист зошто нема кој да ја загади природата. Нема луѓе, само ние кои живееме неколку десетина. Козите има каде да се напасуваат, има зеленило што го јадат, а добиваме чисто млеко од кое после се прави и сирење. Одгледуваме детелина и зрнесто жито со кои се нахрануваат. Даваат одлично млеко бидејќи јадат чиста храна и имаат одлична природна околина. Сепак тоа е мачна работа, на која сме оставени самите да се снаоѓаме како знаеме и умееме, вели 55-годишниот жител на Луковица.

Други негови соселани исто така се занимваат со сточарство, а одгледуваат крави и телиња. Исто така прават млеко и сирења, а се продава и месо, односно јариња и телиња.  Продажбата на млекото, сирењето и месото е единствениот начин таму во Луковица да се обезбедат пари за намирници, облека, покуќнина и се друго што треба за секојдневно живеење. Тоа е единствениот начин на егзистирање, со оглед дека секојдневното патување до други места е речиси повеќе проблематично отколку неопходно.

-Во селото има само неколку теренски возила и тоа е единствениот начин за колку толку безбедно патување до другите места. Поголем број такси фирми не ни сакаат да возат до тука или од тука. Селото нема продавници, ниту посети на лекар. Нема ништо друго освен куќите за живеење. Среќа е што струја има стабилна, ама нема постојано интернет врска.

Ако некој се разболи нема ни лекови каде да се купат. Иако има објект за училиште настава нема. Тие што имаа деца се иселуваат. Во 2020 година ќе има деца кои ќе треба да почнат да одат на училиште, ама нема наставник, ќе бараме да има настава тука, вели Милошески.

Природните убавини пред се се причина да има неколкумина пензионери кои во текот на летото живеат во Луковица по неколку месеци.

-Тука е поладно од Тетово во лето и за повозрасните луѓе е полесно. Навечер знае да залади и биде потребна облека со долги ракави. За движење низ планината има многу места, како извори со вода. Од околните ридови има неверојатни погледи кон езерата Матка, Козјак, Милеумскиот крст на Водно. До Козјак има козја патека до каде се стига за 45 минути одење пеш по планината, вели Стојан Спасеноски, пензионер кој во текот на летото со сопругата Цвета престојува во Луковица.– Во Лукојца има добра почва. Иако сме на повисоко успева сите земјоделски култури-компир, жито, јаболки, ореви, домати, костени. Воедно и шумски плодови има, вели Ќирко.

Голем е револтот на мештаните поради децениското убедување и чекање властите да го уредат и асфалтираат патот.

-Се менуваат партии и градоначалници, само патот останува неасфалиран. Јас колку што знам да се направи патот чини околу 150 илјади евра. А замислете еден министер ја чини државата поради плати, возила и трошоци над 400 илјади евра. Револтиран сум од ваквите неправди. Еве јас сум вложил се што имам и купив 170 кози за сам да егзистирам да не бидам на товар на државата, но институциите не помагаат, не ни градат пат, рече Ќирко.

Оние кои потекнуваат од Луковица го посетуваат родното место посебно за Илинден кога патрониот празник се слави во манастирската црква Свети Илија.

-Секоја година се обидуваме да организираме црковно-народен собир. Доаѓаат оние кои потекнуваат од тука а живеат насекаде низ Македонија и во странство. Се собираат по 12 кумови кои ја организираат прославата.  Кумовите се одрдедуваат по случајност односно оние кои ќе најдат париче во славските лебови од годинешната прослава. Со донации на верници во 2014 година започнавме да градиме и конак каде ќе може да престојуваат 15-ти луѓе. Има уште работа за градба на санитарен чвор, додека собите и трпезаријата се готови, изјави Ацо Спасеновски од црковниот одбор.

Во моментот во Луковица има помалку од 40-тина жители.  Селото броело и над стотина куќи, но иселувањето е причина голем број објекти да останат руинирани и неупотребливи за живеење. Од сите 18 села во општина Желино само во Луковица живеат Македонци.

Александар Самарџиев/МИА