Македонија
4. November 2021 - 15:19

Во кумановската болница хоспитализирани околу 50 пациенти заболени од Ковид-19

Во кумановската општа болница сместени се 47 пациенти, заболени од Ковид-19, со средно-тешка и тешка клиничка слика, соопштија денеска надлежните од јавната здравствена установа. На инфективното одделение болнички се лекуваат 22 пациенти, во модуларната болница 25. На дневна болница се лекуваат околу 30-40 пациенти кои се со полесна клиничка слика. Најголем процент се невакцинирани, има и помал процент вакцинирани кои имаат полесна клиничка слика. Поголем дел се од Куманово, а последниве денови и наплив на пациенти од Крива Паланка.

– Бројките се менуваат од ден во ден, но од август откако почна последниот бран, до денес немаме некој голем пад, напротив деновиве имаме и благ пораст, поради тоа што времето залади, луѓето се групираат и главно-непочитување на мерките придонесува за пораст на бројките. После Скопје, Куманово е со најголем број заболени, изјави директорката на болницата, д-р Снежана Захариева.

Таа повторно апелираше да се почитуваат мерките кога граѓаните се наоѓаат во затворен простор, а повика и на вакцинација.

– Наше е да кажеме, да ги поттикнеме, но граѓаните самите одлучуваат колку ќе водат грижа за сопственото и здравјето на блиските, вели Захариева.

Возрасната група на заболени кои бараат помош е поместена, појаснува Захариева, ако до неодамна биле повозрасни лица со придружни болести, во амбулантските прегледи сега има млади луѓе без и со коморбидитети.