Македонија
4. August 2016 - 16:13

Во Куманово вчера 12 пожари за еден ден

12 пожари на различни локации во Куманово и околината гаселе екипите на територијалната противпожарна единица во текот на вчерашниот ден. Речиси во сите случаи станувало збор за запалена сува трева и стрништа , но пожар бил регистриран и во напуштено лозје во селото Љубодраг каде горела површина од околу 50 хектари, информира  командирот Деан Илиевски. Пожарникарите на овој пожар интервенирале четири часа,  од 19 до 23 часот.

Како што соопштуваат  надлежните, во текот на вчерашниот ден од почетокот на летово биле регистрирани најголем број интервенции, но сепак, во изминатите години за дванаесет часа  противпожарната единица гасела и  по 20-тина пожари. Искуството покажува дека во најголем број случаи, човекот е причинител за настанување на пожари на отворен простор , без разлика дали од невнимание или пак со намера.

Инаку, првите две  интервенции територијалната противпожарна единица  ги  бележи во 10 часот на градската депонија и кај поранешниот хотел „Ку-БА“. Пожарникарите  интервенирале и на опожарено стрниште во кумановското село Речица, а околу пладне и во близина на авто школа во Куманово. Сува трева, вчера горела и кај поранешната фабрика „Киро Фетак“ по 14 часот во приградската населба „Ајдучка Чешма. Во атарот на село Речица,ТППЕ интеревенирала уште еднаш во текот на денот,во попладневните часови. Последните интервенции пожарната ги регистрира  на Пчињски пат и во селото Костурник, каде горела сува трева и стрниште.

За разлика од вчера, денеска не се регистрирани пожари на територијата на општина Куманово.