Македонија
14. November 2017 - 15:00

Во Куманово инфо сесија за проектот на УСАИД за граѓанско учество

Граѓанските организации од Куманово денеска се информираа за можноста и начинот како да аплицираат за користење на средства и развој на проекти кои би се реализирале во интерес на младите од регионот.

На информативната сесија, присуствуваа 20-тина органзации од Куманово кои покажаа интерес за Проектот на УСАИД за граѓанско учество што е финансиран од американската агенција за меѓународен развој, а импелемнтиран од Институтитот ИСВЕСТ менаџмент во соработка со четири локални организации Метаморфозис, АДИ, Асоцијација Отворено општество Македнија и Националниот Младински Совет на Македонија.

- Целта на денешнава сесија е всушност да им презентираме на невладините организации во Куманово и регионот за повикот што го имаме, а се однесува за поддршка на младинските организации односно за поддршка на младинската вклученост. Проектот постои веќе една година буџетот со којшто располагаме е 9,4 милиони долари и се однесува за поддршка на граѓанскиот сектор во Македонија за донесување на активности кои се од јавен интерес, односно кои помагаат за развој на демократското општество во Македонија, изјави Наташа Станковиќ од проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Проектот е петгодишен и досега имало 31 грант, односно 31 невладина организацијa.

Вакви информативни сесии се одржале во Скопје, а при крајот на неделава ќе се одржат во Тетово. Нино Сотировски, грант менаџер во Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ од Гостивар, информираше дека со овој повик планираат да доделат уште осум грантови чија максимална вредност ќе изнесува 15.000 долари, а предлог проектите коишто треба да пристигнат за евалуација треба да имаат траење најмалку девет а најмногу дванаесет месеци.

- На денешната инфо сесија граѓанските организации ќе бидат запознаени со приоритетните области кон коишто треба да се движи нивниот предлог проект односно ќе дознаат на кои и какви апликации проектот за граѓанско учество ќе дава приоритет. Проектот за граѓанско учество преку АДИ подржува младински организации коишто поттикнуваат активности коишто се во интерес на младите, а се во областа на едуцирање на млади мажи и жени за нивните права за учество во јавниот живот вклучување во постоечките локални механизми за носење одлуки односно како што се младинските совети на ниво на општината, младинските организации не ограничувајќи се на тие организации, туку поттикнување за создавање на нови тела на локално и регионално ниво кои ќе ги допираат проблемите на младите, изјави Сотировски.

Покрај директни средби со организациите планирано е да се одржи и онлајн сесија, со цел граѓанските организации да се информираат и да и да го искористат повикот и можност за јакнење на сопствените капацитети.