Македонија
14. January 2017 - 17:24

Во Крива Паланка собрани 34 единици крв

На денешната крводарителска акција одржана во месната заедница во село Петралица, општина Ранковце, собрани се 34 единици крв.

- Акцијата е прва за 2017 година, а традиционална. Задоволни сме од одѕивот на хуманите граѓани кои и покрај лошите временски услови, врнежите од снег и студот, ја даруваа драгоцената течност, изјави Дарко Пешовски, секретар на Општинска организација на Црвен крст, Крива Паланка.

Следната крводарителска акција во сооработка со Институтот за трансфузиона медицина - Скопје ќе се одржи за три дена, на 17-ти јануари, во големата сала на локалната самоуправа на општина Крива Паланка.

- Со Годишниот план за крводарувања проектирани се 711 крвни единици. Планот редовно го натфрламе, се надевам така ќе биде и годинава, додаде Пешовски.

На 25 крводарителски акции одржани на подрачјето на Крива Паланка и Ранковце во 2016 година беа собрани 1029 единици крв.