Македонија
30. July 2016 - 14:39

Во Карпош се асфалтира улицата „Никола Тесла“

Во општина Карпош започна асфалтирањето на улицата „Никола Тесла“  во должина од 430 метри, соопшти на прес-конференција градоначалникот на Општината Стевче Јакимовски. 

Реконструкцијата на овој коловоз е од витално значење од аспект на растоварување на сообраќајниот метеж.

- За оваа интервенција, локалната самоуправа инвестираше 2.847.000 денари. Изведувач е фирмата „Бауер БГ“, а надзорот на работите го врши фирмата „Урбан Стил Инженеринг“. Наскоро ќе ја асфалтираме и собирната улица „Орце Николов“, чија реконструкција ќе чини околу 5.000.000 денари. Од таму, продолжуваме со улиците на територија на Карпош 1, како што се Руѓер Бошковиќ, Даскал Камче, Иван Аговски и Бранислав Нушиќ, рече Јакимовски.

Градежните активности, како што кажа Јакимовски, ќе се одвиваат во континуитет и во соседната урбана заедница.

- На територија на Урбаната заедница Карпош 2 ќе го санираме кракот на улица „Никола Тесла“ пред зградата бр. 78. Општина Карпош, за сите овие реконструктивни зафати ќе вложи над 13.000.000 денари. По овие интервенции, нашите сограѓани од Урбаната заедница Карпош 1 и 2 ќе возат по нови коловози, откако претходно ги саниравме и останатите, рече Јакимовски.

Тој најави, дека во овој реон наскоро ќе се поставуваат нови енергетско -ефикасни фасади и нови покриви на колективните станбени згради.

- На овој начин би сакале целосно да го разубавиме овој дел од Карпош кој е граден пред и по скопскиот земјотрес, додаде Јакимовски на денешната прес-конференција.