Македонија
2. December 2022 - 21:15

Во истражување 80% од сите видови врсничко насилство жртви се девојчиња - каде е решението?

Училиштата како ринг за пресметки – 70% од учениците биле сведоци на насилство, ама не знаеле каде и како да пријават, покажува новото истражување на Аналитика. Високи 68% од учениците самите биле жртви на насилство, а дури 62 отсто биле учесници. Повеќе страдаат девојките, дури 80%. Најприсутно е физичкото со дури 60%, а веднаш по него психичкото и сајбер насилството. Од Аналитика за Сител велат потребно е формирање на посебни тимови во школите само за оваа намена, бидејќи стручните тимови се презафатени.

„Овој стручен кадар мора да има помош од наставниците. Бидејќи наставниците се оние кои први го забележуваат насилството, па може да го пријават. Кога наставникот ќе има повеќе време, да се посвети на оние класни часови коишто и така ги има за време на наставата, да разговараат со децата со што точно се соочуваат ќе може веднаш да реагира кај стручните служби за да може поефикасно да се даде одговор и на крај да се намалат случаите на врсничко насилство“ – Тамара Мијовиќ Спасова, „Аналитика“

Социологот Ацевски, пак, смета дека потребен е поголем ангажман на наставниците, но голема улога треба да одигра и семејството.

„Таа причина е во добар дел во системот на образование и воспитување од една страна. А децата и во тие години од шеста, седма, до 15та се оставени сами на себе. Затајува една активност од самите родители, во семејството. И во најголем дел тоа некако не се процесуира тоа воспитување“ – Илија Ацевски, социолог.

Последниот случај со врсничко насилство се случи во основно училиште во Градско и заврши со разрешување на директорот. Одлуката беше поздравена и од МОН.