Македонија
11. February 2017 - 13:11

Во Демир Капија изложба на фотографии „Тврдини и цркви”

Изложба на фотографии насловена „Тврдини и цркви“ од истражувањата на три археолошки локалитети во демиркаписко, беше отворена синоќа во Демир Капија.

Изложбата е дел од настаните во рамките на манифестацијата „Недела на традицијата”, која традиционално ја организира општината  во чест на верскиот празник „Свети Трифун”, кој се смета за заштитник на лозарите и винарите. Бројните посетители имаат можност да погледнат  четириесетина фотографии од локалитетите „Црквиште”, „Кале Стрезов град” кај село Челевец, „Маркова кула” кај Корешница, истражувани во неколку наврати во последните две години. Истражувањата се вршени со финансиски средства од Министерството за култура и поддршка од демиркаписката општина.

Цветанка Митрева, кустос археолог при демиркапискиот музеј, рече дека потребата од темелни односно систематски археолошки ископувања на овој простор се наметнува сама по себе, затоа што Демир Капија има одлична геостратешка положба.

- Како гранична точка на античката Амфакситида, подоцна составен дел од античката македонска држава, на овој простор во текот на долгиот историски развој своето царување  го овековечиле  многу владетели и кралеви, нагласи меѓу другото Митрева.

Таа информираше дека уште многу одамна пред околу 150 години, патувајќи низ Тиквешката котлина, низ Демир Капија поминал австрискиот конзул Хан . Тој  забележал бројни тврдини и  стар  град на карпите,  притоа мислејќи на Маркова Кула. Подоцна многу други случајно или намерно  се задржале тука, како Ханс Драгендорф, Никола Вулиќ, Фанула Папазоглу, д-р Викторија Соколовска, д-р Блага Алексова, д-р Живоин Винчиќ, Душанка Вучковиќ Тодоровиќ, Јосип Корошец, д-р Елица Манева и други.

Митрева  и раководителот на истражувањата Орданче Петров упатија благодарност до Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследтво, градоначалникот и советот на општина Демир Капија,  за несебичната поддршка за реализација на овие проекти,  со желба,  надеж  и апел,  оваа поддршка да продолжи понатаму во периодот  што следува.

- Нашата работа не застанува тука. Напротив,  ние ќе продолжиме со нашите археолошки активности и во иднина,  се со цел да откриваме нови моменти поврзани со историјата и минатото на Демир Капија, нагласи Митрева. Таа се заблагодари за соработката и на детската градинка и шумското стопанство од Демир Капија.

Петров соопшти дека истражувањата се спроведени од страна на три институции кои во партнерство ги реализираа сите проекти. Институтот за старословенска култура од Прилеп, Археолошкиот музеј од Скопје и Музичката збирка при Домот на културата „Мирка Гинова” од Демир Капија.

- Археологијата е макотрпна работа, не можеме да добиеме брзи информации, тоа е процес кој трае со години. Првите археолошки истражувања во Демир Капија започнале пред точно седумдесет години и со мали и поголеми прекини траат до денеска, со тоа што во последните две години тие се интензивираат, нагласи Петров.

Пред присутните се обрати и директорот на Домот на културата Горан Ѓорев, кој изрази задоволство од реализираните активности.