Свет
12. July 2016 - 21:46

Во Чешка има повеќе странски работници отколку пред кризата

Бројот на странци кои работат во Република Чешка е значително повисок отколку пред кризата, покажуваат статистичките информации за нелегалното вработување и вработување на странци, јави дописникот на МИА од Прага.

Според Извештајот, на крајот на минатата година во Чешка работеле 323.200 луѓе од странство, а претходно во 2008 година ги имало за околу 38.700 помалку. Во текот на изминатите 15 години, бројот на странски работници во Чешка се зголемил за трипати. Во 2001 година биле вработени околу 104.000 работници-странци.

Највеќе има работници од земјите на ЕУ, односно три четвртини од работниците странци, вкупно над 245.300.

На граѓаните од ЕУ не им треба дозвола за работа во Чешка, но е потребно работодавачот да го информира Бирото за вработување.

Дозвола за работа не треба да имаат и странците кои се од земјите надвор од ЕУ, ако имаат дозвола за постојан престој, добиле азил, студираат во Чешка или имаат сини и зелени карти.

Повеќето дојдени да работат во Чешка се Словаци и тоа повеќе од 150.000. По нив, се Полјаците, Романците и Бугарите. Според информациите, имало и 3.700 Германци, 3.300 Британци и 2.699 Французи.

Втора најбројна група на странци на чешкиот пазар на трудот по Словаците се Украинците, скоро 41.850 се регистрирани минатата година.

Бироата за вработување минатата година регистрирале вкупно 77.900 работници од земјите надвор од ЕУ, во споредба со 2008 кога тој број бил 143.450 работници.