Македонија
29. July 2016 - 14:55

Во Битола се одржува семинар за традиционална музика и игра

Работилници за методика на народни ора, традиционално пеење и традиционални инструменти се дел од содржините на семинарот за традиционална музика и игра кој од денес до 1 август ќе се одржува во Битола.

Според Владимир Јаневски, професор на музичката академија, оддел за етнокореологија при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, на годинешниот семинар има најголем број на учесници и споредено со првиот кога имало седум учесници, денес на осмото издание има 70 ученици и студенти од цела држава.

- Семинарот е комбинација на теорија и пракса и секогаш со новини. Годинава има два курса, еден за пеење а другиот за ударни музички инструменти. Учесниците меѓудругото ќе се запознаат со начинот на изработка на тапан, како се обработува ореовото дрво и како тапанот станува ударен инструмент во функција на оркестрите. На семинарот ќе доминира практичниот дел за да можат веднаш потоа учесниците стекнатите знаења да ги пренесат во културно уметничките друштва и ансамбли од каде доаѓаат, посочи Јаневски.

Пред почетокот на семинарот, организаторот и домаќин на традиционалниот настан, НУ Центар за култура-Битола приреди промоција на Зборник на трудови во кој се поместени истражувања и трудови на автори од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Институтот за фолклор „Марко Цепенков“-Скопје, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“-Скопје и Институт за етнологија и антропологија при УКИМ-Скопје.