Македонија
30. July 2022 - 16:31

Во Битола има недостаток од логопеди

Битола се соочува со недостиг од логопеди. Моментално во Општина Битола има 18, а според логопедот Анета Ѓорѓиевска, недостигаат најмалку уште 10 логопеди.

- Во Битола е алармантна состојбата со недостиг на логопеди заради тоа што и сите оние кои завршија логопедија останаа во Скопје. Значи се помалку и помалку има логопеди кои што се враќаат во нашиот град за рехабилитација на децата. Битола е голем град, во близина се Демир Хисар, Могила, Ресен, Новаци, таму уште помалку има, односно тие деца доаѓаат да се рехабилитираат во нашиот град, така што мислам дека некаде уште 10 логопеди требаат за да ја покријат Општина Битола, рече Анета Ѓорѓиевска, логопед.

Таа е логопед во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола. Во ова училиште, посебните паралеки од минатата година со новите законски измени прераснаа во Центар за поддршка на учењето на децата со попреченост на територија на Општина Битола.

„Логопед сум само јас во моментот, меѓутоа имаме уште една колешка која е логопед која што годинава завршува 9-то одделение, колешката ќе биде уште еден логопед, така што мислам дека на ниво на Општина Битола во моментот ќе можеме да ги опфаќаме само тие школски деца кои по МКФ имаат препорака кај нас, меѓутоа не со доволно третмани како што е пропишано. Затоа секогаш на родителите им кажуваме дека покрај нашите третмани во училиштето добро е да ги користат третманите и во ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас-Битола , Основното учулиште со ресурсен центар „Кочо Рацин“ и во Ментално здравје во Битола“, вели Ѓорѓиевска.