Македонија
15. July 2016 - 15:45

Во Берово презентиран проектот „Спорт за сите“

Во Берово денеска беше презентиран проектот „Спорт за сите“ финансиран од ЕУ преку Програмата Еразмус плус, а координиран од Бугарската федерација за деца без родителска грижа и НВО Балканија од Македонија.
 
Како што истакна Владо Србиновски од НВО Балканија, спортот  е алатка за борба против насилството во училиштата, за обединување и натпревар, кој носи и голем економски бенефит.
 
- Главна цел на проектот е да ја овозможиме и олесниме соработката меѓу повеќе различни институции и невладини организации на ниво на ЕУ за спортот како средство за инклузија и достапност на спортот, рече Србиновски.
 
Тој додаде дека светот е под закана на физичка неактивност и ова е одличен начин да се бориме против епидемијата на физичката неактивност.
 
- Со овој проект сакаме да го доближиме спортот кај сите структури од најниско ниво, од градинка до возраани пензионери, кои треба  активно да се занимаваат со спорт, бидејќи продобивките се големи, како социјализацијата на децата, формирање здрави личности, но и борбата против насилството, агресијата. Исто така, не треба да се занемаруваат економските придобивки кои се многу поголеми од спортот, рече Србиновски.
 
Регионот на Малеш и Пијанец е избран бидејќи регионот поседува голем број природни раритети кои даваат големи туристички можности кои одат рака под рака со спортот.
 
- Го избравме овој регион со најдобри туристички потенцијали и сакаме  да иницираме посериозна соработка на темата на спортот од сите структури и училиштата и НВО- сектор и општините, но и спортските работници. Учесниците ќе бидат охрабрени да размислуваат од една нова перспектива,  да споделат експертизи и искуства и да примаат други мислења, а транснационалниот потенцијал на проектните идеи и иницијативи, ќе биде анализиран и развиени, рече Србиновски.
 
Кире Георгиев од Бугарската федерација за деца без родителска грижа посочи дека паметните партнерства во спортот се вредна алатка за решавање многу девијации.
 
- Во овој проект се вклучени многу организации и претставници од многу европски држави и сакаме да опфатиме и директори, на градинки и на училишта, тренери, наставници,  преку обуки и размена на искуства, со цел да се обучат да се справат преку спортот со сите проблеми во образованието, пред се со деца кои живеат во социјален ризик, но и со сите деца и првото нешто што се акцентира е да се сопре насилството во училиштата преку спортот, бидејќи спортот е за сите нас. Спортот треба да биде рамноправен и доброволен, рече Георгиев.
 
Во рамки на проектот вчера во Пехчево беше одржана и тркалезна маса на тема „Соработка во спортот“ на кој присуствуваа спортски работници, претставници од нво-сектор и од локалната самоуправа од Пехчево и Делчево.
 
Инаку, проектот ќе се спроведува една година, а освен во Македонија, активности ќе се спроведуваат и во Бугарија, Шпанија, Португалија, Унгарија, Романија, Грција и Турција.