Македонија
13. January 2020 - 12:50

Во Берово ќе се субвенционираат трошоците за комунални услуги

Општина Берово и годинава ќе ги субвенционира трошоците за комунални услуги за граѓаните, кои се изложени на социјални ризици. Како што од општинското одделение за реализирање на оваа активност, субвенционирањето ќе може да го користат 50 лица кои живеат во социјален ризик, а за таа цел денес е распишан јавен оглас.

-Субвенцијата се состои од покривање на трошоците за потрошени максимум 10 метри кубни вода за пиење за секој корисник на услугата во период од 12 месеци од остварување на правото. Доколку корисникот има потрошено помалку од 10 метри кубни вода за пиење, предмет на субвенција ќе биде реално потрошената количина на вода за пиење. Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“, соопштија надлежните.

На огласот, како што додадоа може да се пријават лица кои ги исполнуваат критериумите за спроведување на оваа мерка.

-Субвенционирањето ќе можат да го користат лицата кои имаат статус на корисници на социјална помош, корисници на постојана парична помош или невработени лица кои се со тој статус подолго од 12 месеци. Условите ги опфаќаат и корисниците кои се во брак, и притоа и двајцата брачни другари да се невработени, како и лица кои имаат најмалку 70 процентен степен на инвалидитет или тешка болест, односно нивниот брачен другар или друг член на семејството е со инвалидитет од најмалку 70 проценти или има тешка болест, додаваат од општина Берово.

Подносители на барањето за субвенционирање на трошоци за комунални услуги треба да бидат државјани на Република Македонија и да се жители на општина Берово, а притоа да се корисници на услуга за вода за пиење од ЈКПР „Услуга”.

Јавниот оглас ќе трае заклучно до 20 февруари 2020 година, а постапката ќе ја спроведува комисија формирана од страна на градоначалникот на општина Берово. Целата постапка за начинот на пријавување и останатите услови за користење на оваа мерка се објавени на општинската веб-страна.