Македонија
21. October 2015 - 12:19

Во автентичен стил со камени плочи се прават вевчанските улици

Во автентичен стил со камени плочи се прават дел од улиците во Вевчани, останатите ќе бидат поплочени со бекатон плочки, а една каде што гравитираат тешки товарни возила ќе биде асвалтирана.

Во рамките на проектот, како што информира градоначалникот Цветомир Угриноски, предвидена е градба на 10 улици, од кои за три веќе е во тек, со средства од Агенцијата за рурален развој во висина од 8,5 милиони денари.

- Во зависност од местото каде што гравитираат улиците ќе бидат изградени и од содветен материјал. Една улица каде што поминуваат тешки товарни возила ќе биде асвалтирана додека три ќе бидат изработени од камени плочи, бидејќи во тој дел има стари градби, стари убави куќи и улиците треба да се вклопат во автентичноста, вели Угриноски.

Останатите улици, додаде, ќе бидат поплочени со бекатон плочки, а во автентичен стил со камени плочи ќе биде изграден и кејот на реката што поминува низ Вевчани.

- Две улици се веќе завршени, истовремено ќе работиме и на кејот, а потпорниот ѕид од кај улицата ќе го обложиме со камени плочи, ќе ги извадиме железните огради, кои не се совпаѓаат со изгледот на кејот и реката, истакна вевчанскиот градоначалник.

Според него, подобрувањето на патната инфраструктура е еден од главните приоритети на општина Вевчани.

-Во изминатите две години реконструирани и изградени се повеќе локални улици, а фокусираноста врз подобрувањето на патната инфраструктура ќепродолжи и во иднина, нагласи градоначалникот Угриноски.

Покрај автентичниот изглед, карактеристично за вевчанските улици е што носат имиња на фамилиите што живеат, меѓу кои се улиците „Шутиној“, „Чочорој“, „Плушкој“...