Македонија
14. September 2018 - 9:08

ВМРО-ДПМНЕ: Време е да се обединиме и да и кажеме на оваа власт „Доста е“, граѓаните да ни се придружат во недела на протестниот марш

СДСМ и Зоран Заев направија правдата во Република Македонија да биде дефектна, селективна и нефункционална. Додека пратеници, режисери актери и патриоти се во притвор, криминалци од типот на Бајруш Сејдиу се на слобода. Ова што денес се случува во Македонија не е правда туку неправда. Политички монтиран процес кој има за цел заплашување на сите оние кои не мислат како Заев.

СДСМ и Зоран Заев преку судот ослободија 800 криминалци пред локалните избори, а тој филм сега го гледаме повторно со ослободување на Бајруш Сејдиу во очи на референдумот. Секогаш кога треба да се одлучува за судбината на Македонија, СДСМ ослободува криминалци кои имаат цел преку страв и закани да ја исполнат агендата на криминалниот картел.

СДСМ се откажа од она што е најсвето за Македонците и македонскиот народ. Името, јазикот, идентитетот, и македонското малцинство повеќе нема да постојат поради капитуланскиот договор што Зоран Заев и Никола Димитров го потпишаа со Грција.

ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа капитулантското дело наречено договор за промена на вековното име. Името не е во сопственост на Зоран Заев. Тоа е света работа, надпартиско прашање и не може да се решава од политичар кој заради аболициите и поврзувањата со криминални шеми е подложен на уцени. Договорот со Грција е капитулација која е целосно спротивна на националните и државните интереси. Наместо решение, како што тврдат од СДСМ ова ќе биде почеток на идни блокади од страна на Грција се со цел спречување на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.

Зоран Заев избега од дебата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Заев избега да се соочи зошто знае дека ке биде разобличен и нема аргументи со кои ќе го брани криминалот и капитуланскиот договор. Заев излажа како што ги лажеше граѓаните кога на своја рака одлучи да спроведе консултативен референдум исплашен дека нема да може да го испорача она што го има ветено на некој друг.

За да ги достигне европските вредности Република Македонија, потребно е СДСМ и Зоран Заев да си заминат од власт, затоа што само така државата и граѓаните ќе одат напред.

Затоа ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат на протестниот марш кој што го организираме во Штип во недела со почеток од 13 часот.
Време е да се обединиме, заеднички и сложно да и кажеме на оваа власт, дека доста е со криминалите и доста е со распродавањето на државните и националните интереси. Граѓаните и Република Македонија ќе победат!