Македонија
15. February 2019 - 16:42

ВМРО-ДПМНЕ викендов ќе го избере својот кандидат за претседател, СДСМ на 3-ти март

ВМРО-ДПМНЕ  во Струга ќе го избере својот кандидат за претседателските избори. 551 делегат ќе треба да се решат за еден од деветмината кои одлучија да ја бараат довербата на партиската конвенција.
Меѓу нив, и јавноста но и експертите гледаат двајца фаворити.

Согласно партискиот статут, гласањето на партиската конвенција е тајно. За избран ќе се смета оној кандидат кој освоил најмногу гласови од делегатите, но само ако нивниот број е поголем од една третина од вкупниот број на делегати или во овој случај да има најмалку 184 гласа.
Доколку тоа не се случи во првиот круг, се организира втор круг на гласање, во кој победува оној кандидат што освои повеќе гласови.

И СДСМ својот кандидат за Претседател ќе го официјалзира на Конгресот кој партијата го закажа за 3 март. Претходно, според најавите на партискиот лидер, ќе се водат интензивни консултации во рамките на коалицијата со ДУИ, во намера да се исполни барањето на Ахмети за консензуален претседател и двете партии да се обидат со еден, заеднички кандидат да си обезбедат клучеви од најголемата канцеларија на Водно. Доколку падне договор на релација Заев – Ахмети, партискиот Конгрес на 3 март ќе биде само формалност.

Експертската јавност вели дека на овие претседателски избори, најголемиот предизвик ќе биде цензусот од 40% излезност во вториот круг. Дали ќе биде постигнат, според нив, во голема мера ќе зависи и од изборот на кандидати.

Покрај двете најголеми партии, за очекување е уште најмалку еден кандидат од албанскиот етнички блок но и кандидат поддржан од вонпарлментарните партии.
Талат Џафери минатата недела ги распиша изборите. Првиот круг ќе се одржи на 21 април, а вториот доколку има потреба две недели подоцна, на 5 мај.