Македонија
23. July 2017 - 16:14

ВМРО-ДПМНЕ: СЈО е политичко обвинителство под контрола на СДСМ

Денеска истекува рокот во кој Апелација треба да одлучи за жалбите на Специјалното обвинителство кое бара мерка притвор за петмина обвинети во случајот Титаник. Од судот објаснуваат дека овој рок ќе биде испочитуван, но одлука ќе биде објавена најверојатно утре. По јавната седница на која обвинителството и одбраната ги соочија аргументите, неизвесно е дали второстепениот суд ќе ја уважи жалбата на СЈО за опредување притвор или барањето на обвинетите да им се вратат пасошите.

ВМРО-ДПМНЕ и денеска обвинува за политичка хајка против партијата. Според нив, СЈО е политичко обвинителство под контрола на СДСМ, а случајот Титаник е само едно од многуте обвиненија покренати без докази со цел политички прогон на партиски членови.

СЈО се обидуваше со пари да дојде до лажни изјави со цел да ги поткрепи монтираните случаи. Таму каде што не можеше да поткупи, СЈО се служеше со заплашување и закани врз лицата за да потврдат нешто што не се случило никогаш. СЈО имаше и има само една единствена задача, а тоа е да истражува и обвинува за непостоечки случаи, кои ги измислуваше Зоран Заев. Постапките на СЈО од неговиот почеток до денес, само го потврдуваат фактот дека тие служат за една употреба на СДС, со цел оцрнување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.СЈО е обична политичка алатка која има ограничен рок на траење. СЈО не смее да се става над законот, вели Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Изминатите денови и голем број правни експерти предупредија дека судиите се соочуваат со огромни притисоци да ги прифатат жалбите на Специјалното обвинителство. Познавачите оценуваат дека доколку тоа навистина се случи, ќе се стави крај на правната држава.