ВМРО-ДПМНЕ објави документ за трајната неспособност на Ковачевски доставен во АРМ
Опозициската ВМРО ДПМНЕ објави документ од евиденциона книга на АРМ , според која премиерот Димитар Ковачевски добил лекарско мислење дека е трајно неспособен за служење војска. Партијата го обвинува Ковачевски дека за време на воениот конфликт во 2001-та дезертирал и не одговорил на повикот за одбрана.
- Ова води до два заклучока. Или Ковачевски го злоупотребил влијанието на татко му кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДС и добил лажно лекарско мислење, или тој навистина е трајно неспособен. Доколку Ковачевски не лажел и не се служел со измама, тогаш ние за премиер на државата имаме трајно неспособен човек, а самата дијагноза кажува дека неговата неспособност не може да се отстрани, т.е. дека таквата состојба кај него е трајна, што значи дека истата може само да се влошува. Доколку Ковачевски лажел за својата здравствена ситуација, тогаш ние на чело на државата имаме патолошки лажго.
Премиерот Ковачевски преку соопштение реагира дека лажни биле информациите дека дезертирал од војска. Според него ВМРО-ДПМНЕ не бира ниту средства ниту начин за да го сврти вниманието на јавноста од големите корупциски скандали и превирања во нивната партија.
- Никогаш ниту сум избегнувал ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал. Но, не сум изненаден. Не сум изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО-ДПМНЕ. Тие не се менуваат, а скандалите во Град Скопје само потврдуваат дека не само што партијата не е реформирана, туку дополнително криминализирана, наведува претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Опозицијата бара одговорност и оставка од Ковачевски.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар